САД, кои го зголемија своето воено присуство на Кариби, пратија воен брод во Тринидад и Тобаго
- Додека американската администрација продолжува со напорите за зголемување на своето воено присуство на Кариби за борба против трговијата со дрога, воен брод на американската морнарица е распореден во островската држава Тринидад и Тобаго
ПОРТ ОФ СПЕЈН (АА) - Додека американската администрација продолжува со напорите за зголемување на своето воено присуство на Кариби за борба против трговијата со дрога, воен брод на американската морнарица е распореден во островската држава Тринидад и Тобаго, известува Анадолу.
Носачот на авиони „Џералд Р. Форд“ продолжува да плови кон Венецуела, а администрацијата на Трамп направи нов воен потег во регионот во рамките на своите активности за зголемување на американското воено присуство на Кариби за борба против трговијата со дрога.
Противракетниот брод на американската морнарица „УСС Грејвли“ вчера се закотви во Порт оф Спејн, главниот град на островската држава Тринидад и Тобаго, кој се наоѓа североисточно од Венецуела.
Висок воен функционер на Тринидад и Тобаго за „Асошиејтед прес“ (АП) изјави дека за овој американски воен потег е одлучено неодамна.
Владини претставници од двете земји соопштија дека воениот брод ќе остане во регионот до 30 октомври за да спроведува обуки.
Министерството за одбрана на САД на 24 октомври објави дека ја преместило ударната група на носачот на авиони „Џералд Р. Форд“ во областа на одговорност на Јужната команда на САД за „борба против трговијата со дрога“.
- Активности на Кариби
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во претходна извршна наредба нареди зголемена и поефикасна употреба на војската во борбата против латиноамериканските наркокартели.
Во тој контекст, САД пратија поморски сили составени од подморница и воени бродови покрај брегот на Венецуела кон крајот на август, а американскиот министер за одбрана Пит Хегсет соопшти дека американската војска е подготвена за операции во Венецуела, вклучително и промена на режимот.
Како одговор на тоа, венецуелскиот претседател Николас Мадуро објави дека мобилизирал 4,5 милиони претставници на милицијата во земјата и подготвен е да одбие секаков напад.
Континуираното таргетирање на бродови покрај брегот на Венецуела од страна на САД под изговор борба против „трговијата со дрога“ предизвика критики и од венецуелската Влада и од меѓународната заедница, тврдејќи дека нападите претставуваат „кршење на меѓународното право“.
- Се зголемува военото засилување на САД во регионот
Од крајот на летото САД распоредија осум воени брода во регионот, меѓу кои и носачот на авиони „Џералд Р. Форд“, три разорувачи од класата „Арли Бурк“, три амфибиски јуришни бродови, еден крстосувач и еден крајбрежен борбен брод.
Овие бродови се поддржани од маринци, беспилотни летала, авиони и единици на крајбрежната стража.
Голем број авиони „Ф-35“ и други воени авиони дејствуваат во оваа оперативна област.
