Elena Teslova
09 Јануари 2019•Ажурирај: 10 Јануари 2019
МОСКВА (АА) - Портпаролот на руското претседателство, Дмитри Песков, денес ги отфрли тврдењата на израелските медиуми кои го обвинуваат Кремљ дека имал намери за мешање во претстојните израелски парламентарни избори закажани за април 2019 година, јавува Anadolu Agency (AA).
„Не ги читајте овие израелски медиуми. За ова (мешањето во изборите) не треба да се дискутира и не може да биде во агендата“, изјави Песков за новинарите во конференциски повик.
„Русија не се мешала, не се меша и не планира да се меша во какви било избори во која било земја на светот“, изјави тој.
Минатиот месец израелскиот Парламент, Кнесет, гласаше да се распушти пред предвремените избори, откако партнерите на владејачката коалиција, предводена од партијата Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху, одлучија да побараат предвремени избори во април.
Одлуката беше донесена откако партијата Обединета Тора Јудаизам (United Torah Judaism) вети дека ќе се повлече од коалицијата доколку Кнесетот гласа за задолжителниот нацрт-закон за воена служба, насочен кон ултраортодоксните мажи.
Армиската служба е задолжителна за сите израелски граѓани - три години за мажи и две години за жени - со исклучок на членовите на ултраортодоксната еврејска заедница.
Ултраортодоксните Евреи сочинуваат околу 10 отсто од населението на Израел. Тие имаат тенденција да живеат во затворени заедници и да се придржуваат до строгите толкувања на еврејското верско право.