Selen Temizer
09 Јануари 2019•Ажурирај: 10 Јануари 2019
АНКАРА (AA) - СЕЛЕН ТЕМИЗЛЕР –
Војната во Сирија трае осум години, а пред специјалниот пратеник на Обединетите нации, Геир О. Педерсен, е тешката задача за решавање на таа криза, од која се откажаа неговите тројца претходници, јавува Anadolu Agency (AA).
Норвешкиот дипломат Педерсен оваа седмица ја презеде должноста специјален пратеник на ОН за Сирија.
Поради неможноста да постигнат каков било напредок во процесот на запирање на крвопролевањето и надминување на кризата во Сирија, од таа функција оставки поднесоа пратениците Кофи Анан, Ландар Ибрахими и Стефан де Мистура.


Војната во Сирија започна во март 2011 година. Првиот пратеник во ОН беше поранешниот генерален секретар на таа организација, Анан. Тој воедно беше и пратеник на Арапската лига за Сирија и беше творец на оптимистичниот „План на Анан“, кој требаше да донесе мир и стабилност во Сирија.
Анан на 7 јуни 2012 година изјави дека режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад не го имплементира планот, по што во Женева започна процесот на мировните преговори за Сирија.
Искусниот дипломат Анан од Советот за безбедност на ОН упорно бараше да изврши притисок врз Асадовиот режим во Дамаск, но не беше задоволен со стореното.
Обвинувајќи го режимот на Асад како виновник за интензивирањето на судирите и неуспехот на мировниот процес, Анан ја поднесе оставката на функцијата пратеник на ОН и Арапската лига на 2 август 2012 година.
За наследник на Анан е именуван Ал Ахдар ал Ибрахими, кој на таа функција остана 21 месец. Во неговиот мандат продолжени се преговорите во Женева, но без видливи резултати на терен.
Ибрахими кон почетокот на 2014 година изјави дека Асадовиот режим го блокирал неговиот предлог за запирање на судирите и формирање транзициска влада за надминување на кризата во Сирија.
Тој оставката ја поднесе на 13 мај 2014 година, а со образложение дека стекнал впечаток дека Асадовиот режим никогаш нема да биде спремен за преговори за формирање транзициска влада.
Две и пол години подоцна, Ибрахими во едно интервју рече дека е потполно јасно дека режимот на Асад се согласил да учествува во мировните преговори под притисок на Русија, но дека само го повторувал тврдењето дека претставниците на сириската опозиција се терористи.
Од јули 2014 година на функцијата главен миротворец за Сирија беше Стефан де Мистура, кој ги застапуваше ставовите блиски на Асадовиот режим и Русија.
Со поддршка на Русија, режимот на Асад во воена смисла константно напредуваше на терен, а поради тоа и ги блокираше мировните настојувања во преговорите. Де Мистура даде можност режимот да продолжи со одолговлекување и замајување во преговарачкиот процес.
Мировните преговори се обновени во февруари 2017 година, но во текот на преговорите се излезе од границите на мапата на политичка транзиција, која Советот за безбедност ја предвиде со Резолуцијата 2254.
Тогашниот пратеник на ОН, Де Мистура, на 15 декември 2017 година ги прогласи преговорите за неуспешни и прв пат за несоработка го обвини режимот на Асад.
Тој рече дека со сириската опозиција преговарал за четири главни теми и тоа за транзициска влада, устав, избори и борба против тероризмот, а дека со делегацијата на режимот на Асад успеал да преговара само за темата борба против тероризмот.
„Изговорите и ставовите на режимот на Асад се неприфатливи и нелогични“, рече Де Мистура и потсети на таквите изјави на своите претходници Анан и Ибрахими.
Де Мистура на 17 октомври минатата година соопшти дека дава оставка од функцијата пратеник на ОН за Сирија, но дека останал на должноста до крајот на годината за да биде продолжен процесот за формирање на комисијата за пишување на новиот устав на Сирија.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во ноември минатата година најави дека нов пратеник на ОН за Сирија ќе биде Педерсен, а во најтесен избор за таа функција беше и Харис Силајџиќ.
Поранешниот норвешки амбасадор во Пекинг, 64-годишниот Педерсен, беше и пратеник на ОН за Палестина во период од 1998 до 2003 година.
Учеството во палестинско-израелските преговори во Осло (1993), претставништвото на ОН во Либан (2005 - 2008), амбасадор на Норвешка во ОН (2012 - 2017) и раководење со Одделот за мир и човекови права на норвешкото Министерство за надворешни работи се некои од функциите кои Педерсен претходно ги вршеше и стекнуваше дипломатско искуство, а останува да се види дали тоа е доволно и за мисијата на миротворец во Сирија.