„РСФ уби 300 жени за два дена по влегувањето во Ел-Фашер“, изјави суданска министерка
- Суданската државна министерка за социјална помош, Селима Ишак, изјави дека Силите за брза поддршка (РСФ), кои ја презедоа контролата врз централниот град Ел-Фашер во Северен Дарфур, убиле 300 жени во првите два дена по влегувањето во градот
ИСТАНБУЛ (АА) - Суданската државна министерка за социјална помош, Селима Ишак, изјави дека Силите за брза поддршка (РСФ), кои ја презедоа контролата врз централниот град Ел-Фашер во Северен Дарфур, убиле 300 жени во првите два дена по влегувањето во градот, известува Анадолу.
Во изјава за новинарот на Агенција Анадолу (AA), министерката Ишак информираше за прекршувањата извршени во градот Ел-Фашер од страна на РСФ, која води вооружена борба против војската во Судан и е обвинета за масакри врз цивили во различни делови од земјата, особено во подрачјето на Дарфур.
„РСФ уби 300 жени во првите два дена по влегувањето во градот“, рече Ишак и додаде:
„Жените во Ел-Фашер се подложени на сексуални напади, насилство и тортура. Луѓето во градот продолжуваат да бидат измачувани, злоупотребувани, подложени на насилство, понижувани и деградирани. Она што се случува овде е систематско етничко чистење и големо злосторство претставува замижувањето и молчењето за случувањата.“
Забележувајќи дека во опасност се и оние кои поради нападите избегале од Ел-Фашер во градот Тавила, Ишак истакна:
„Патиштата меѓу овие региони станаа патишта на смртта.“
- Конфликт во Судан и прекршувања од страна на силите на РСФ
Од 15 април 2023 година Судан е место на жестоки борби меѓу Армијата и РСФ, кои се поддржани од странство.
Ел-Фашер, најголемиот град во регионот Дарфур на западот од земјата, во голема мера се најде под контрола на РСФ по жестоките борби.
На видеата споделени од членовите на РСФ забележани се моментите во градот кога десетици илјади луѓе бегаат од борбите, додека РСФ насилно ги раселуваат цивилите и ги убиваат и измачуваат бројните невооружени луѓе.
