Ekip
30 Јули 2020•Ажурирај: 31 Јули 2020
ИСТАНБУЛ
Меѓународна група за правата на медиумите ги повика Египет и Саудиска Арабија да ги ослободат сите притворени новинари „за да избегнат катастрофа пред да биде предоцна“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Поднесената жалба на групата „Репортери без граници“ (RSF) следуваше по смртта на египетскиот новинар, откако се зарази со Ковид-19 во затвор и смртта на еден саудиски новинар, само неколку недели по неговото ослободување.
Во соопштението на оваа организација се вели дека смртта на новинарите Мохамед Монир и Салех ал Шехи за време на пандемијата зборува за итноста на ослободувањето на новинарите, за да се избегнат трагични настани.
Според невладината организација што го штити правото на слобода на информации, Монир бил уапсен и обвинет за „ширење лажни вести“, додека Ал Шехи отслужувал петгодишна казна поради зборување за „корупција во владејачката елита на Саудиска Арабија“.
Во соопштението се повикуваат двете држави да го искористат поводот за Курбан бајрам и да ги ослободат сите новинари од „пренатрупаните затвори“.
И Египет и Саудиска Арабија во моментот најмногу ги затвораат новинарите. „Репортери без граници“ (RSF) идентификуваа 30 притворени новинари во Египет и 33 во Саудиска Арабија.
Египет е рангиран на 166. место од 180 во Индексот за слобода на печатот на „Репортери без граници“ во 2020 година. Саудиска Арабија е на 170. место.