свет

„Режимот на Асад силувањето го користи како воено оружје“

Најмалку 500.000 лица се наоѓаат притворени во затворите на режимот во Сирија. Откриено е дека повеќе од 13.500 жени биле измачувани или силувани во затворите на режимот. Сѐ уште, повеќе од 7.000 жени се наоѓаат во затворите на режимот.

Burak Karacaoğlu, Selen Temizer  | 22.02.2019 - Обновена : 24.02.2019
„Режимот на Асад силувањето го користи како воено оружје“

ИДЛИБ / АНКАРА - Бурак КАРАЏАОГЛУ

Специјалистот по клиничка психологија, Ајше Хумејра Кутлуоглу Карајел, изјави дека во затворите на режимот на Башар ал Асад, измачувањето и силувањето се користи како воено оружје врз жените, со цел уништување на личноста на жените и оставање трајни психолошки оштетувања кај нив.

Специјалистката Карајел во разговор за Anadolu Agency (AA) раскажа за измачувањата што се применуваат врз жените во затворите на Башар ал Асад во Сирија, земја во која граѓанската војна трае веќе 8 години, за трауматскиот ефект врз жените од тие измачувања и методите за справување со траумите.

Карајел, која околу 3 години работи на психолошките влијанија на војната врз жените и децата, истакна: „Како што тоа пред многу години го спроведоа Србите во Босна, на ист начин, и режимот на Асад, силувањето, систематски го користи како воено оружје. Имање односи без согласност, силување, за една жена, за една жена муслиманка е чин кој најмногу ја нарушува нејзината личност. Ѝ ја одзема и ѝ ја уништува личноста. Тој чин е покажување сила од страна на извршителот. Ја докажува супериорноста. Самиот чин за жртвата претставува немање доминација врз телото. Очајот предизвикан од тоа, ја повредува личноста. Постојат приказни кои се крајно навредливи. Жените ги соблекуваат потполно голи. Бидуваат изложени пред сите. (Насилниците) користат пцости за Господ и Куранот. Со присила ги тераат да го фалат Асад. На секој час се силувани од 3 до 5 лица, до смрт, а доколку остане бремена, пред нејзини очи, го газат нејзиното бебе додека не умре“.

„Се силува ли човек само затоа што учествувал на еден протест? Се корнат ли ноктите со клешти? Со вадат ли забите? Се силува ли маж пред очите на неговата жена? Се пораѓаат ли шестмесечни бебиња, а потоа се газени пред очите на нивните мајки? Цел на сето ова е осакатување на способностите на умот и оставање трајни последици. Менталниот склоп на умот само на тој начин може да биде толку измачуван“, истакна Карајел.

Зборувајќи за насилството во затворите, Карајел истакна дека жените жртви не биле повикувани по име, туку им била давана бројка. „Немаш име, немаш личност. Избришан си. Тоа се прави со цел да се понижат, да им се скрши гордоста, да бидат навредени и да им се нанесе духовна и материјална штета“, зборуваше Карајел за АА.

- „Социјалната поддршка е многу важна“

Зборувајќи дека секој, во одредени периоди од животот преживува трауматски настани, Карајел рече дека доколку тоа не се лекува, ако се погледне како тоа го толкува личноста, тогаш траумите коишто дошле до степен на патологија, подоцна можат да преминат во стресно нарушување.

Карајел истакна дека во такви ситуации е потребна стручна поддршка и додаде: „Затоа, врз справувањето со траумата кај жртвата влијае колку време поминало од траумата што ја доживеала, дали добила поддршка од сопругот или пријателите, дали имала какво било лекување и психотерапија. Доколку добила специјалистичка поддршка, доколку не е исклучена од сопругот и пријателите, траумата може да биде надмината. Во човечкиот ум не постои состојба апсолутно да не се заборави. Најмалку што е можно, е барем да се справат со траумата“.

Карајел истакна дека сириските жени, влијанието на траумите што ги преживеале можат да ги надминат благодарение на социјалната поддршка, работните терапии и вербата во Бога. „Луѓето со религиозни верувања веќе се силни луѓе. Во таа ситуација се извршуваат обврските, а сѐ останато му се препушта на Господ. Социјалната поддршка е многу важна. Доколку не се социјализираат, како да се самите виновни за она што им се случило, сопругот се разведува од нив или се исклучени од брачниот партнер. Оние жртви коишто ќе добијат поддршка во справувањето со траумата се во предност во споредба со останатите“, рече Карајел.

Специјалистката Карајел истакнувајќи дека поради воените услови, не е возможен овој вид здравствени услуги, продолжи со зборовите: „За жал, иако е 8-ма година од војната, жените сѐ уште живеат со своите трауми. Траумата е такво нешто. Сѐ додека не се лекува, и по 20 години, со еден напад може да се повтори“.

- „Бројката на силувања и измачувања е повеќекратно поголема од онаа за која се знае“

На прашањето на новинарот на АА за причината за криењето на измачувањата што жените ги преживеале, Карајел го истакна следното:

„Причина за криењето е дека доколку тоа се знае, тие жени ќе бидат исклучени од заедницата. „Флека на чест“ е името на причината за тоа. Се случува да се вели „Си заслужила, па ти се случило“, „Си мавтала со опашката“. Некои остануваат бремени поради силувањето и затоа го кријат тоа. Или, жената отишла на протест против режимот. Бидејќи е против режимот, ја притвораат. Таму е силувана, измачувана. Останува трудна. Потоа на некој начин излегува на слобода. Семејството на жената е поддржувач на режимот на Асад и затоа семејството се срами од неа. Се срамат да се прочуе за поддршката на опозицијата. „Ако прозбориш, ќе те убиеме“, ѝ велат. Овие жени се исклучени од заедницата, вклучувајќи ги и нејзините родители. Имаат 3 до 5 деца. Немаат професија. Што ќе прави? Замолчува. Се обидува да продолжи со својот живот, како да не се случило ништо. Овие прежиеани драми не се рефлектираат во јавноста. Не се знае за нив. Поради оваа причина, не ја знаеме точната бројка. Бројката на силувања и измачувања е повеќекратно поголема од онаа за која се знае.“

Специјалистката Карајел во разговорот рече дека иако бројката е мала, сепак постои дел од општеството кој позитивно гледа кон овие жени, ги поддржува, ги гледа како херои. „Во поголемиот дел од разговорите, се соочивме со жени, кои по затворот, сопругот се развел од нив, биле напуштени од сопругот, семејствата им го свртиле грбот“, рече Карајел.

Подвлекувајќи дека на овие жени не им е дадена доволна специјалистичка поддршка, Карајел ја даде следната проценка: „Ретки случаи се активностите што ние ги спроведуваме. Овие жени недоволно ја добиваат потребната поддршка. Се прави помош во храна, облека, огрев. Не чувме дека се отворени „7 центри за психотерапија“ или „10 медицински центри“. Во подрачјето не доаѓаат психијатри специјалисти за трауми како волонтери или за плата“.

Според податоците на опозицијата, најмалку 500.000 лица се наоѓаат притворени во затворите на режимот во Сирија. Откриено е дека повеќе од 13.500 жени биле измачувани или силувани во затворите на режимот. Сѐ уште, повеќе од 7.000 жени се наоѓаат во затворите на режимот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın