Примената на 5Г-технологијата пресвртница во глобалниот одбранбен сектор
Еден од најголемите ефекти на 5Г се забележува кај автономните системи, како што се беспилотните летала (UAV), копнените возила (UGV) и беспилотните површински возила (USV)

ИСТАНБУЛ (АА) – Широката примена на 5Г-технологијата значително го менува глобалниот одбранбен сектор, овозможувајќи многу побрз пренос на податоци, минимално доцнење во конекцијата и поголем капацитет на пропустлив опсег, јавува Анадолу.
Еден од најголемите ефекти на 5Г се забележува кај автономните системи, како што се беспилотните летала (UAV), копнените возила (UGV) и беспилотните површински возила (USV).
5Г овозможува пренос во реално време на висококвалитетни видеоснимки и слики за надзор до операторите.
Според весникот „Саут Чајна морнинг пост“, Народноослободителната армија на Кина има цел да воспостави најголема автономна воена единица во светот, составена од десетици илјади беспилотни летала, роботски кучиња и автономни платформи, со 5Г-технологијата како основа на операциите.
Воените комуникации, исто така, добиваат значителни придобивки од 5Г, благодарение на можноста за споделување податоци меѓу единиците, брза комуникација за мобилните штабови и поврзување на радарските и сензорските мрежи.
Министерството за одбрана на САД во 2020 година инвестираше 600 милиони долари во тестирање на 5Г-технологијата во пет воени бази, со цел нејзина интеграција во комуникациските системи, а дополнително одвои 2 милијарди долари за развој на воени истражувања поврзани со 5Г.
Минатата година НАТО ја започна својата мултинационална иницијатива за 5Г, со цел заедничко истражување и развој за интеграција на технологијата во воените системи и создавање безбедна и интероперабилна инфраструктура.