Burç Eruygur
05 Март 2026•Ажурирај: 06 Март 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев денес го обвини Иран за извршување „терористички чин“ по нападот со беспилотно летало врз автономната енклава Нахчиван, во кој беа повредени четири лица, јавува Анадолу.
„Азербејџан најостро го осудува овој терористички чин, а оние што го извршија мора веднаш да бидат повикани на одговорност“, изјави Алиев во соопштението објавено од претседателскиот Кабинет по седницата на Советот за национална безбедност.
Алиев нагласи дека иранските власти мора да му дадат објаснување на Баку за инцидентот и да упатат извинување, а дека сторителите мора да одговараат кривично.
Тој истакна дека на вооружените сили на земјата им е наложено да „подготват и спроведат мерки на одмазда“, додавајќи дека Азербејџан не учествувал и нема да учествува во операции против Иран, осврнувајќи се на тековната американско-израелска офанзива врз Иран.
Министерството за надворешни работи на Азербејџан претходно денес соопшти дека една негова енклава била погодена од беспилотни летала лансирани од Иран, при што едно ја погодило зградата на терминалот на меѓународниот аеродром „Нахчиван“, а друго паднало во близина на училишна зграда во селото Шакарабад.
„Остро ги осудуваме овие напади со беспилотни летала извршени од територијата на Исламска Република Иран, во кои има оштетување на зградата на аеродромот и беа повредени двајца цивили“, се вели во соопштението.
Иранските власти сè уште не дадоа коментар за инцидентот.