свет

„Пресретнувањето на хуманитарниот брод од страна на Израел е кршење на меѓународното право“, објави Амнести интернешнал

- „‘Мадлин’, кој беше пуштен во мисија од Коалицијата 'Флотила на слободата', се обиде да однесе помош и да ја пробие нелегалната блокада на Израел врз окупираниот Појас Газа“, изјави Агнес Каламард, генералната секретарка на Амнести интернешнал

Betül Yılmaz  | 09.06.2025 - Обновена : 09.06.2025
„Пресретнувањето на хуманитарниот брод од страна на Израел е кршење на меѓународното право“, објави Амнести интернешнал

ИСТАНБУЛ (АА) – Групата за човекови права „Амнести интернешнал“ денес го осуди пресретнувањето на хуманитарниот брод „Мадлин“ од страна на Израел, кој се обидуваше да ја пробие блокадата на Газа од Тел Авив, велејќи дека тоа претставува „кршење на меѓународното право“, јавува Анадолу.

„‘Мадлин’, кој беше пуштен во мисија од Коалицијата 'Флотила на слободата' (FFC), се обидуваше да донесе хуманитарна помош и да ја пробие нелегалната блокада на Израел врз окупираниот Појас Газа. Превезуваше невооружени цивили во хуманитарна мисија“, наведе генералната секретарка на „Амнести интернешнал“, Агнес Каламард, на својот официјален профил на X.

„Израелското пресретнување на ‘Мадлин’ е спротивно на меѓународното право“, нагласи таа.

Бродот што пловеше под британско знаме имаше цел да ја пробие блокадата што Израел ја воспостави за Газа, каде што речиси 55.000 луѓе се убиени во брутални напади од октомври 2023 година досега.

Носејќи одредена количина помош, вклучително храна и бебешка формула, бродот беше пресретнат од израелските сили во текот на ноќта пред да стигне до брегот на Газа со план насилно да биде пренасочен кон пристаништето Ашдод.

Каламард рече дека Израел, како окупаторска сила, има законска обврска да им обезбеди на цивилите во Газа доволно храна и лекови.

„Во согласност со своите обврски како окупаторска сила и правно обврзувачките наредби на Меѓународниот суд на правдата за спречување геноцид, Израел мора веднаш да ја укине нелегалната блокада на Газа, да го олесни обезбедувањето хуманитарна помош низ цела Газа и да дозволи меѓународни мисии за утврдување на фактите во Газа.“

Групата за човекови права со седиште во Лондон ги повика САД „да сторат многу повеќе отколку што направија досега“ за да се стави крај на израелската војна и блокадата на Газа.

„Постои тековен геноцид. Воена окупација. Апартхејд. Палестинците во Газа се гладни. Хуманитарните работници се цел. Хуманитарната помош е блокирана“, рече Каламард.

Израел го притвори 12-члениот екипаж на бродот „Мадлин“, велејќи дека сите активисти ќе бидат депортирани во нивните матични земји.

Меѓу нив се францускиот пратеник во Европскиот парламент (ЕП) Рима Хасан, германската државјанка Јасемин Аџар, Хусеин Шуајб Орду од Турција, Тијаго Авила од Бразил, Серхио Торибио од Шпанија, Марко ван Рен од Холандија, Баптист Андре, Рева Вијард, Паскал Мориерас и Јанис Мамди од Франција, шведската климатска активистка Грета Тунберг и новинарот Омар Фајад.

Од почетокот на март Израел ги држи затворени сите гранични премини кон Газа, со што целосно го прекина доставувањето хуманитарна помош, вклучително храна, лекови и гориво, за 2,4 милиони жители на енклавата.

Хуманитарните организации предупредуваат дека постои сериозен ризик од глад во Газа.

Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел, исто така, се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради злосторствата извршени врз цивилното население во енклавата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.