свет

Франција бара итно ослободување на нејзините државјани приведени од Израел на бродот со хуманитарна помош за Газа

– Франција денес побара итно враќање на нејзините државјани што беа приведени од израелските сили откако го пресретнаа бродот со хуманитарна помош „Мадлин“ за Газа во меѓународни води

Şeyma Yiğit  | 09.06.2025 - Обновена : 09.06.2025
Франција бара итно ослободување на нејзините државјани приведени од Израел на бродот со хуманитарна помош за Газа

АНКАРА (АА) – Франција денес побара итно враќање на нејзините државјани што беа приведени од израелските сили откако го пресретнаа бродот со хуманитарна помош „Мадлин“ за Газа во меѓународни води, јавува Анадолу.

Во соопштението на француското Министерство за надворешни работи се наведува дека Париз е во контакт со израелските власти, со цел да се обезбеди што побрзо враќање на француските државјани.

Бродот што пловеше под британско знаме имаше цел да ја пробие блокадата што Израел ја воспостави за Газа, каде што речиси 55.000 луѓе се убиени во брутални напади од октомври 2023 година досега.

Носејќи одредена количина помош, вклучително храна и бебешка формула, бродот беше пресретнат од израелските сили во текот на ноќта пред да стигне до брегот на Газа со план насилно да биде пренасочен кон пристаништето Ашдод.

Во одделно соопштение, Елисејската палата информираше дека францускиот претседател Емануел Макрон побарал од Израел да ги ослободи шестемина француски државјани што биле на бродот „Мадлин“ што пловел кон блокираниот Појас Газа.

Во соопштението се вели и дека француските граѓани претходно биле предупредени да не учествуваат во иницијативата што имала цел да ја пробие блокадата.

Коалицијата „Флотила на слободата“ го испрати 18-метарскиот брод „Мадлин“ од Катанија, Сицилија, Италија, за да ја пробие блокадата во Газа и да достави помош.

На бродот се наоѓале вкупно 12 лица, вклучително и 11 активисти и еден новинар.

Меѓу нив се францускиот пратеник во Европскиот парламент (ЕП) Рима Хасан, германската државјанка Јасемин Аџар, Хусеин Шуајб Орду од Турција, Тијаго Авила од Бразил, Серхио Торибио од Шпанија, Марко ван Рен од Холандија, Баптист Андре, Рева Вијард, Паскал Мориерас и Јанис Мамди од Франција, шведската климатска активистка Грета Тунберг и новинарот Омар Фајад.

Од почетокот на март Израел ги држи затворени сите гранични премини кон Газа, со што целосно го прекина доставувањето хуманитарна помош, вклучително храна, лекови и гориво, за 2,4 милиони жители на енклавата.

Бродот носел итно потребни резерви за луѓето од Газа, вклучително формула за бебиња, брашно, ориз, пелени, женски санитарни производи, комплети за десалинизација на вода, медицински потрошен материјал, патерици и детски протези, според организаторите.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.