Полска спроведе воздухопловна операција во соработка со НАТО поради руските напади врз Украина
„Операциите на полската и сојузничката авијација во нашиот воздушен простор, поврзани со нападите на Руската Федерација врз Украина, се завршени“
ИСТАНБУЛ (АА) - Полска денес спроведе операција за заштита на својот воздушен простор со помош на НАТО, во екот на обновените руски напади врз Украина, јавува Анадолу.
„Операциите на полската и сојузничката авијација во нашиот воздушен простор, поврзани со нападите на Руската Федерација врз Украина, се завршени“, објави Оперативната команда на вооружените сили на Полска (ДОРСЗ) на американската компанија за социјални медиуми Х.
Од ДОРСЗ истакнаа дека биле активирани копнените системи за противвоздушна одбрана и радарско извидување, нагласувајќи дека тие сега се вратени на стандардните оперативни активности.
„Информираме дека не е забележано никакво нарушување на воздушниот простор на Република Полска“, се додава во соопштението.
Командата упати благодарност до Воздухопловната команда на НАТО и шпанските воздухопловни сили, чии авиони помогнаа во обезбедувањето на безбедноста на полското небо.
Исто така, беше упатена благодарност и до вооружените сили на Холандија за поддршката со системи за противвоздушна одбрана.
Денес Украина соопшти дека загинале најмалку четворица, а 19 биле повредени во руските напади во текот на ноќта, кои биле насочени кон повеќе региони.
Руските власти сè уште не ги коментираа овие напади.
