Ekip,Ayhan Şimşek
19 Септември 2025•Ажурирај: 22 Септември 2025
БЕРЛИН (АА) – Група германски адвокати денес поднесоа кривична пријава против германскиот канцелар Фридрих Мерц и неколку клучни министри, обвинувајќи ги за соучесништво во геноцидот на Израел врз палестинскиот народ во Газа, јавува Анадолу.
На прес-конференцијата во Берлин адвокатката Надија Самур од Европскиот центар за правна поддршка (ELSC) соопшти дека кривичната пријава ги опфаќа и поранешниот канцелар Олаф Шолц и поранешната министерка за надворешни работи Аналена Бербок.
„Геноцидот врз палестинскиот народ се пренесува во живо речиси две години. Време е за правда и одговорност“, изјави таа, нагласувајќи дека сегашни и поранешни владини функционери се соучесници, пред сè, преку одобрувањето извоз на оружје што се користи против палестинските цивили во Газа.
Кривичната пријава конкретно обвинува седуммина актуелни и поранешни официјални претставници, меѓу кои сегашниот министер за надворешни работи Јохан Вадефул и министерот за одбрана Борис Писториус, кои како членови на Федералниот совет за безбедност на Германија одобриле извоз на оружје за Израел и покрај меѓународните предупредувања за воени злосторства и етничко чистење во Газа.
Претходната владина коалиција, предводена од социјалдемократот Олаф Шолц, од октомври 2023 до мај 2025 година одобрила воен извоз вреден повеќе од 485 милиони евра (570 милиони долари).
Новата конзервативна Влада предводена од Мерц, која стапи на должност во мај годинава, ја продолжи оваа политика и само во првиот месец од владеењето, до 10 јуни 2025 година, одобрила дополнителен извоз на оружје во вредност од речиси 4 милиони евра (4,7 милиони долари), според официјални податоци.
Иако Мерц минатиот месец објави дека Берлин повеќе нема да одобрува извоз на ново оружје што може да се користи во Газа, тој не вети дека ќе ја запре испораката на оружје и опрема што веќе беше одобрена претходно.