Hakan Çopur
01 Ноември 2016•Ажурирај: 01 Ноември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Во екот на операциите за Мосул, Питер Кук, портпаролот на Пентагон изјави: „Операцијата за ослободување на Рака ќе започне за неколку недели“, со што даде сигнал дека е можно да започне операцијата за Рака, јавува Anadolu Agency (AA).
На дневниот брифинг во Пентагон, портпаролот Кук даде проценка за подготовките поврзани со операцијата за ослободување на Рака.
Toj истакна дека САД, кои раководат со коалицијата во борбите против ДЕАШ, планираат да го зголемат притисокот врз терористичката организација и во Мосул и во Рака, и за таа цел планираат за кусо време да ја започнат операцијата за ослободување на Рака.
„Потребно е да продолжиме со притисокот врз ДЕАШ и во таквата ситуација, во најкус временски период треба да се започнат операциите за изолација на Рака“, изјави Кук истакнувајќи дека во почетокот градот ќе биде изолиран, а подоцна дел од војската ќе почне да напредува, за на крајот да започне операцијата за ослободување на Рака.
Одговарајќи за придонесот или улогата на Турција во операцијата за Рака, портпаролот на Пентагон нагласи: „Со заемни преговори ќе се утврди придонесот на турските и на сите останати коалициски елементи во операцијата за Рака“.
Кук истакна дека продолжуваат средбите меѓу Анкара и Вашингтон и во тие рамки, двајцата сојузници имаат блиска соработка во врска со операцијата за ослободување на Рака.
- Додека трае операцијата за Мосул, ќе започне и операцијата за Рака -
Портпаролот на Пентагон, Питер Кук, потсети дека сѐ уште продолжуваат операциите за Мосул: „Операцијата за Мосул продолжува, а операцијата за Рака ќе започне за неколку недели“. Тој истакна дека нема да чекаат да заврши операцијата во Мосул за да ја започнат операцијата за Рака.
Кук нагласи дека силите на теренот се во можност да ја водат операцијата за ослободување на Рака, и спомена дека е донесена доволна воена сила на едно место.
Покрај тоа, Кук информираше дека ирачките безбедносни сили се приближиле на 1 километар од Мосул, и додаде дека забрзано напредува операцијата за ослободување на градот од рацете на ДЕАШ.
Министерот за одбрана, Ештон Картер, минатата недела даде сигнал дека операцијата за Рака ќе започне во најкус временски период.
Командантот на коалициските сили во Ирак и во Сирија, американскиот армиски генерал Стивен Таунсенд, претходно имаше изјавено дека елементите на ЈПГ ќе учествуваат во процесот на изолација на Рака.