Tuğçenur Yılmaz,Tuğrul Çam
22 Март 2019•Ажурирај: 23 Март 2019
АНКАРА (AA) - Во заедничка изјава усвоена по денешниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Организацијата за исламска соработка (OIC), упатено е барање до Обединетите нации и другите меѓународни и регионални организации да го прогласат 15 март за меѓународен ден на солидарноста против исламофобијата, Anadolu Agency (AA).
Во Истанбул денес е одржан состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Организацијата за исламска соработка по повод терористичкиот напад во Нов Зеланд. По состанокот е објавена заедничка изјава во која е истакнато дека тероризмот нема вера и нагласен е ставот дека ваквите терористички акти, без оглед каде, кога или кој бил нивен извршител, на ниеден начин не можат да имаат оправдување.
Поздравена е и посетата на Нов Зеланд од страна на високите турски функционери, односно престојувањето на турскиот заменик-претседател, Фуат Октај, и министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, кои по налог на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, непосредно по терористичкиот напад, ја посетија оваа земја. Нагласено е дека тоа била јасна порака на солидарност со семејствата на жртвите и народот на Нов Зеланд.
Извршниот комитет на Организацијата за исламска соработка (OIC) ги осуди ужасните и подли исламофобични терористички напади врз невините луѓе кои се молеа во џамиите „Нур“ и „Линвуд“, во градот Крајстчрч, во Нов Зеланд.
Поздравен е ставот на Владата на Нов Зеланд, на чело со премиерката Џасинда Ардерн, која како што е истакнато, најостро го осуди терористичкиот напад и пружи поддршка на муслиманската заедница во таа земја и се солидаризираше со семејствата на жртвите.
Подвлечено е дека солидарноста која ја покажала комплетната новозеландска јавност е за секоја пофалба.
„Упатена е и порака на сочувство и искажано најдлабоко сочувство до семејствата на недолжно страданите муслимански жртви, до народот на Нов Зеланд, како и до Владата на оваа земја.“ Нагласено е дека OIC се надева дека казнувањето на терористот и задоволувањето на правдата ќе ги утеши семејствата на жртвите.
„Овие одвратни терористички напади на џамиите и општествените центри и убивање на муслиманите, уште еднаш најдобро укажаа на бруталните, нехуманите и страшните последици на исламофобијата. На сите нивоа и платформи потребно е сите меѓународни актери да бараат сеопфатни и системски мерки“, нагласено е во изјавата и истакнато:
„Сите земји со муслимански заедници, малцинства и мигранти се повикуваат да се воздржат од сите политики, изјави и практики кои го поврзуваат исламот со тероризмот, екстремизмот и заканите по општеството. Сите држави се повикуваат да не ги ограничуваат темелните човекови права и слободи на муслиманите, вклучувајќи и почитување на верските слободи.“
Упатено е барање до сите влади во своите земји да забранат секаков вид дискурс, обид или делување со кои се премолчува, поттикнува, охрабрува или предизвикува непријателство кон муслиманите, односно понижување на исламот и муслиманите.
За да секој поединец или група бидат заштитени од омраза и насилство засновано на вера и уверување и за да се заштитат сите верски објекти, упатено е барање во согласност со меѓународното право, нормите и стандардите, да се спроведува постоечката правна и административна рамка или, во случај да биде потребно, да се усвојат нови законски прописи.
Извршниот одбор на OIC го повика Високиот комесаријат на ОН за човекови права и Комесаријатот за човекови права на Советот на Европа на воспоставување опсерваторија за следење и пријавување дела од верска омраза, непријателство и насилство.
Упатено е и барање до Обединетите нации и другите меѓународни и регионални организации да го прогласат 15 март за меѓународен ден на солидарноста против исламофобијата.