İlkay Güder
26 Септември 2018•Ажурирај: 27 Септември 2018
ЊУЈОРК (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порача дека на ОН им е потребен сеопфатен процес на реформи, и дека доколку глобалните сили на овој план не пружат поддршка, процесот на реформи треба да го покрене остатокот од меѓународната заедница, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган напиша статија за американскиот магазин „Foreign Policy“, во која се осврна на кризата со угледот со која се соочени ОН, како и на предлогот за реформа во оваа организација. Статијата е објавена под наслов „Како и зошто да се поправи ОН?“
Тој истакна дека лидерите од сите делови на светот овие денови се собираат во седиштето на ОН во Њујорк за да дискутираат за најголемите проблеми со кои е соочено човештвото.
Ердоган порача дека и покрај вложените напори на голем број вработени во различните организации при ОН, оваа организација е соочена со досега невидена криза на угледот.
Турскиот претседател понатаму наведе дека во коренот на актуелните проблеми на ОН лежи фактот дека Советот за безбедност не ја обезбедил обврската на „воспоставување мир и безбедност во сите делови на светот“.
„Овој висок орган на донесување одлуки не успеа да ги спречи злосторствата од Босна до Руанда, од Сирија, Јемен до Палестина, ниту успеа сторителите на тие злосторства да ги изведе пред лицето на правдата. Авторитарните режими во различни делови на светот, пред очите на ОН, конвенционалното и оружјето за масовно уништување го свртеа кон недолжните цивили, а одредени режими извршија геноциди и не се соочени со какви било санкции“, истакна Ердоган.
Тој нагласи дека истовремено милиони деца кои се соочени со проблемот на потхранетост и со екстремна сиромаштија се препуштени сами на себе. Турција, како што рече, многу добро знае дека не се направени никакви чекори за да се ублажи болката на бегалците.
„Секако дека таа листа би можела уште да се продолжи. Обединетите нации би требало да бидат срце на човештвото, но пулсот на ОН денес не работи“, констатираше Ердоган, и продолжи:
„Во време кога ни е неопходно глобално лидерство, во состојба сме не да ги рушиме Обединетите нации, туку да ги поправиме. Доколку големите сили не сакаат да ја преземат таа одговорност, доколку еден грст земји кои од овој систем ја остваруваат својата корист, не сакаат да направат реформи, доколку архитектите на ОН, вклучувајќи ги и САД, преземаат еднострани чекори на начин да нанесуваат штета на принципот на мултилатeралите, тоа значи дека дошло време да се редефинира поимот на глобално лидерство“, смета Ердоган.
Турскиот претседател нагласи дека е неопходно да се разбие монополот во рацете на неколку земји, и наместо тоа да се постави заедничко лидерство на земјите кои имаат желба да ги решаваат глобалните проблеми во светот.
„Доколку глобалните сили тоа не го поддржат, остатокот од меѓународната заедница треба да покрене сеопфатен процес на реформи во ОН“, наведе Ердоган, и додаде:
„Уште еднаш повикувам да се запре моменталниот систем во Советот за безбедност на ОН, бројот на постојаните претставници да се зголеми на 20, и сите земји на ротирачка основа да бидат застапувани на оваа платформа. Турција, која не е воена и економска суперсила, стана дел од решавањето на прашањето во Ирак и Сирија, и така стана глобален лидер.“
Ердоган нагласи дека неговата земја досега примила околу 4 милиони бегалци, меѓу кои 3,5 милиони бегалци од Сирија, и дека е меѓу земјите со најголеми количества издвоена помош за бегалците.
„Кога ќе погледнеме до кои димензии се прошири бегалската криза, јасно ни е дека овој проблем не може да се реши без блиска соработка со организациите како ОН“, порача турскиот претседател.
Ердоган на самиот крај додаде дека должноста на сите лица во кој било дел од светот е да се обединат и да направат чекори за мир, стабилност и безбедност, и заклучи:
„Генералното собрание на ОН стана многу повеќе од платформите на кои доаѓаат лидерите, држат говори и изнесуваат жалби. Оваа, 2018 година треба да биде година во која ќе бидат поставени темелите за еден нов систем на ОН“, заклучи Ердоган.