Mustafa Keleş
06 Август 2017•Ажурирај: 06 Август 2017
ЊУЈОРК (АА) - Американската амбасадорка при ОН, Ники Хејли, изјави дека новите санкции кон Северна Кореја се најостри мерки кои се одеднаш воведени кон овој режим, јавува Anadolu Agency (AA).
Хејли се обрати на состанокот на Советот за безбедност при ОН и притоа потсети дека САД во секоја средина го подига гласот против нуклеарните активности на Северна Кореја.
„Овие санкции претставуваат најостри мерки преземени одеднаш против режимот на Северна Кореја”, изјави Хејли која додаде дека по оваа фаза одлуката е на Северна Кореја.
Американската амбасадорка Хејли, смета дека новите санкции ќе имаат влијание на лидерите во Северна Кореја, и ја повика земјата да ги заврши интерконтиненталните балистички тестирања.
Постојаниот амбасадор на Велика Британија во ОН, Метју Рајкрофт, изјави дека санкциите се средство и дека оваа криза крајно може да се реши со дијалог, но смета дека тоа мора да го сака и Северна Кореја. Тој додаде дека сите земји треба да соработуваат кога станува збор за меѓународната безбедност.
„Северна Кореја не е закана само за еден регион, туку за целиот свет”, смета Рајкрофт.
Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензиа, изјави дека само санкциите нема да го решат проблемот и дека претставуваат само средство за Северна Кореја да се приклучи на конструктивните преговори.
Според нацртот кој едногласно е усвоен во Советот за безбедност при ОН, одлучено е да биде ставена забрана на Северна Кореја за извоз на јаглен, железо, олово и морски плодови, што претставуваат значаен извор на приходи на таа земја. Новите санкции за третина би можеле да го намалат приходот од извоз, кој се проценува на околу три милијарди долари.
Освен тоа, забрането е и членките на ОН да издаваат работни визи на државјаните на Северна Кореја. И покрај санкциите кои ОН ги воведува на Северна Кореја од 2006 година, оваа земја непрекинато изведува нуклеарни тестирања. Пјонгјанг само во јули оваа година спроведе тестирање на две балистички интерконтинентални ракети.