Ahmed Asmar
23 Јануари 2025•Ажурирај: 24 Јануари 2025
ГАЗА (АА) - Над 38.000 палестински деца останаа сирачиња од израелската геноцидна војна во Појасот Газа од октомври 2023 година, соопшти денес претставник на Министерството за здравство, јавува Анадолу.
„Најмалку 13.901 жена исто така останаа вдовици поради војната“, изјави Захер ал-Вахиди за Анадолу.
Палестинскиот претставник изјави дека најмалку 32.151 дете ги загубиле своите татковци, 4.417 ги загубиле мајките, а 1.918 ги загубиле двата родители.
„Овие бројки го одразуваат степенот на болка што ја претрпе народот во Газа, што бара од сите да работат итно на олеснување на страдањата на сирачињата и погодените семејства и повторно да ги изградат нивните животи“, додаде тој.
Првата шестнеделна фаза од договорот за прекин на огнот во Газа стапи на сила на 19 јануари, со која е прекината геноцидната војна на Израел во која загинаа речиси 47.200 Палестинци, главно жени и деца, а повредени се над 111.160 од 7 октомври 2023 година.
Договорот за прекин на огнот во три фази вклучува размена на затвореници и одржлив мир, со цел траен прекин на огнот и повлекување на израелските сили од Газа.
Како резултат на израелската офанзива, за исчезнати се водат над 11.000 луѓе, предизвикано е масовно разорување и огромна хуманитарна криза која ги однесе животите на многу постари луѓе и деца во една од најлошите глобални хуманитарни катастрофи досега.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) во ноември минатата година издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.