Handan Kazancı
25 Февруари 2022•Ажурирај: 25 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) ‒ Најмалку 137 лица, вклучувајќи војници и цивили, загинаа на првиот ден од руската интервенција во Украина, изјави украинскиот претседател Владимир Зеленски, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Зеленски во видеопорака на Фејсбук ги даде првичните податоци за бројот на загинатите“, објави украинската официјална новинска агенција „Укринформ“.
Тој, исто така, рече дека „непријателските диверзантски групи“ влегле во главниот град Киев и ја повика јавноста да биде внимателна и да ги следи правилата за полициски час.
‒ Кризата во Донбас и воената интервенција на Русија -
По настаните на плоштадот „Мајдан“ во Киев, Украина, во 2014 година, на власт дојде прозападна Влада, а тогашниот претседател Виктор Јанукович побегна од земјата. Русија тогаш илегално го анектира Крим. Сепаратистите прогласија таканаречени администрации во регионите Доњецк и Луганск, каде што мнозинството од населението е со руско потекло. Потоа избувнаа крвави судири меѓу проруските сепаратистички сили и Украинската армија.
Договорите во Минск беа потпишани во 2014 и 2015 година со посредство на западните сили. Сепак, кршењето на прекинот на огнот продолжи. До февруари во судирите беа убиени околу 14.000 луѓе.
Тензиите почнаа да ескалираат кон крајот на минатата година кога Украина, САД и нивните сојузници ја обвинија Русија дека распоредува десетици илјади војници на границата со Украина.
Тие тврдеа дека Русија се подготвува да го нападне својот западен сосед, обвинувања кои постојано беа отфрлани од Москва.
Москва официјално ги призна Доњецк и Луганск како независни републики претходно оваа недела, по што вчера започна воена операција во Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин рече дека операцијата има за цел да ги заштити луѓето „подложени на геноцид“ од Киев и да ја „демилитаризира и денацифицира“ Украина, а истовремено ја повика Украинската армија да го положи оружјето.