Talha Yavuz
25 Февруари 2022•Ажурирај: 25 Февруари 2022
КИЕВ (АА) ‒ Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, изјави дека тие сами ја бранат својата земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Најсилните светски сили гледаат оддалеку. Дали вчерашните санкции ја убедија Русија? Дека тие се недоволни, гледаме на нашето небо и на нашето тло“, рече претседателот на Украина.
Во видеопорака до нацијата, Зеленски изјави дека руските сили не прават разлика меѓу цивилни и воени цели.
Целта на тоа, како што рече, е „да се изврши притисок врз сите Украинци, не само врз оние кои имаат државни функции“.
Наведувајќи дека „непријателот е запрен во повеќето региони“, Зеленски рече дека „системот за противвоздушна одбрана работи ефикасно“.
Сепак, како што истакна, руските авиони безмилосно гаѓаат населени места во близина на Киев.
Споредувајќи ги руските напади со нацистичките напади во 1941 година, Зеленски истакна дека сами ја бранат својата земја и дека светските сили гледаат сè оддалеку.
Нагласувајќи дека Русија на крајот ќе преговара со Украина за запирање на нападите, Зеленски рече дека колку порано почне со преговорите руската страна ќе има помалку загуби.
Повторувајќи дека судбината на Украина е само во рацете на Украинците, Зеленски, исто така, рече дека „крстосувачките ракети се немоќни против слободата“.
Осврнувајќи се на протестите на Русите против нападот врз Украина, Зеленски рече дека тоа значи дека ги слушнале.
„Ве гледаме. Тоа значи дека нѐ слушнавте. Тоа значи и дека почнавте да ни верувате. Војувајте за нас. Војувајте против војна“, порача Зеленски.
Русија рано вчера започна воена операција во Украина.
По настаните на плоштадот „Мајдан“ во Киев, Украина, во 2014 година, на власт дојде прозападна Влада, а тогашниот претседател Виктор Јанукович побегна од земјата. Русија тогаш нелегално го анектира Крим. Сепаратистите прогласија таканаречени администрации во регионите Доњецк и Луганск, каде што мнозинството од населението е со руско потекло. Потоа избувнаа крвави судири меѓу проруските сепаратистички сили и Украинската армија.
Договорите во Минск беа потпишани во 2014 и 2015 година со посредство на западните сили. Сепак, кршењето на прекинот на огнот продолжи. До февруари во судирите беа убиени околу 14.000 луѓе.
Русија го привлече вниманието на јавноста со тоа што почна да распоредува десетици илјади војници на границата со Украина на крајот на 2021 година. САД тврдеа дека Русија се подготвува за инвазија, но официјална Москва упорно негираше. Додека западните земји ѝ се закануваа на Русија со санкции, московската администрација ги призна сепаратистичките власти во Донбас и на 24 февруари започна воена операција на територијата на Украина.
Рускиот лидер Владимир Путин ја повика Украинската армија да го остави оружјето, тврдејќи дека целта на Москва е „да ги заштити луѓето кои беа изложени на геноцид од Киев и да ја исчисти Украина од нацизмот и милитаризмот“.