Ömer Faruk Yıldız
26 Септември 2019•Ажурирај: 27 Септември 2019
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Премиерот на Малезија, Махатир Мохамед, за време на својата посета на Њујорк во рамките на учеството на 74. Генерално собрание на Обединетите нации (ОН), беше гостин на Форумот на светските лидери, што го организираше Универзитетот „Колумбија“, јавува Anadolu Agency (AA).
За да се направи светот подобар, малезискиот премиер истакна дека е потребно е да се усвои мултилатерализмот.
„Доколку го прифатевме унилатерализмот, тогаш сите проблеми ќе се решаваа со судири, дури и со војни, но ние тоа никогаш не го сторивме. Наместо тоа, преговаравме со нашите соседи. Затоа, мултилатерализмот е неизбежен за нас, бидејќи целиот свет стана еден вид пазар. Како наши трговски партнери, нам ни е многу важно во земјите од светот да владее мир и стабилност.“
Махатир се осврна и на спорот за суверенитетот околу Јужното Кинеско Море и тврдењата на Кина за доминација во регионот, велејќи: „Тие сметаат дека Јужното Кинеско Море им припаѓа ним. Сè додека овозможуваат поминување на бродовите, нема проблем. И ние можеме да сметаме дека Австралија ни припаѓа нам, но тоа воопшто не ги засега Австралијанците, бидејќи такво нешто нема да се случи.“
Махатир истакна дека Малачкиот Проток во Јужното Кинеско Море е една од точките со големо значење за Малезија односно за трговијата Исток-Запад. „Доколку (оваа точка) се затвори, Кина ќе претрпи загуби.“
Махатир подвлече дека Малезија се труди да ги сочува одличните односи со Кина.
- „Зошто не можам да ги критикувам Евреите?“
На прашањето дека поради неговите критички изјави против Евреите дадени претходно и гостувањето на Универзитетот „Колумбија“, одредени еврејски групи во знак на протест не учествуваат на форумот, малезискиот премиер Махатир го рече:
„Јас само го искористив своето право на слобода на изразување. Додека голем број луѓе невоспитано зборуваат за мене и Малезија, зошто јас немам право да ги критикувам Евреите? Јас не протестирав против никого, не демонстрирав. Приморани сме да ги слушаме и говорите кои не ги поддржуваме. Слободата на изразување е слобода на говор. Доколку ‘не, тоа не можете да го кажете, не можете да бидете антисемитист’, тогаш тоа не би се нарекувало слобода на изразување.“
Махатир изјави дека го прифатил геноцидот врз Евреите за време на II светска војна и ги потсети присутните: „За време на војната ги споделував истите чувства со Евреите. Јас живеев во тие времиња кога вас ве немаше.“
- „Моќните земји не им придаваат значење на ОН“ -
Во својот говор, премиерот на Малезија посочи на неспособноста на ОН наспроти проблемите во светот. „Доколку не можат да сторат ништо како одговор на злото што една влада му го прави на својот народ, тогаш во ОН постои јасна ранливост“, истакна Махатир.
Махатир, потсетувајќи на интервенцијата на САД врз Ирак, обвинувајќи го Садам Хусеин за диктатура, рече: „Но кога станува збор за Мјанмар, тука никој не ни помислува да интервенира или да ја собори власта. Затоа подолг период Араканците страдаат.“
Махатир во своето обраќање рече дека голема несреќа претставува доделувањето на Нобеловата награда за мир на Аун Сан Су Чи, лидерката на Мјанмар и министерка за надворешни работи. „Ние претходно ја поддржувавме и започнавме кампања за да биде ослободена од затвор, но сега не го поддржува сопствениот народ“, посочи Махатир.
„Проблемот е што не ги почитуваме ОН. Големите земји, моќните земји не ги почитуваат одлуките што ги донесуваат Обединетите нации. Доколку големите земји не ги земат сериозно одлуките на ОН, тогаш тоа ќе го следат и малите земји. Во таков случај можеме да видиме дека и малите земји, како што е Мајнмар, не ги почитуваат ОН“, посочи премиерот на Малезија, Махатир, во својот говор на Форумот на светските лидери на Универзитетот „Колумбија“.