Ayşe Hümeyra Atılgan
10 Септември 2017•Ажурирај: 10 Септември 2017
АСТАНА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, ги повика сите муслимански земји да ги искористат сите свои ресурси и заеднички да го запрат насилството врз малцинството на Рохинџа муслимани во Мјанмар, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние сакаме да соработуваме со владите на Мјанмар и на Бангладеш за решавање на проблемите во тој регион и за спречување на понатамошна ескалација на хуманитарната криза“, изјави Ердоган на отворањето на првиот Самит за наука и технологија на Организацијата на исламската соработка (OIC) во главниот град на Казахстан, Астана.
Ердоган, исто така рече дека Турција веќе ѝ понудила секаков вид на помош на владата на Бангладеш за згрижување на муслиманите, кои од мјанмарската покраина Аракан побегнаа во таа земја.
„Сите меѓународни организации, а особено ние од муслиманските земји, мораме да работиме заеднички и да ги искористиме сите ресурси со цел да го запреме насилството над муслиманите во Мјанмар“, порача Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган претходно најави дека прашањето за страдањата на муслиманите од Мјанмар ќе го стави на дневен ред за дискусија на претстојната седница на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН).
Муслиманите Рохинџа веќе со години се најголемото и најзагрозеното етничко малцинство во светот, а веќе неколку недели се соочуваат со нов бран насилства во подрачјето на Аракан, во Мјанмар. Под изговор за борба против милитантните групи, војската на Мјанмар во изминатите неколку дена сруши најмалку 60 муслимански села, од кои десетици илјади мештани беа принудени да избегаат во соседниот Бангладеш.
Според последните извештаи на ОН, во Бангладеш досега избегале 290.000 муслимани од Аракан, а десетици илјади чекаат да ја преминат границата.
Поради фактот што во кризниот регион нема претставници на меѓународните организации, не е возможно да се говори за прецизен биланс на настрадани во нападите на муслиманските населени места. Локалните невладини организации јавуваат дека станува збор за илјадници убиени луѓе.