Ahmet Dursun
03 Јули 2019•Ажурирај: 03 Јули 2019
АНКАРА (АА) - Иранскиот министер за надворешни работи, Мухамед Џевад Зариф, истакна дека европските земји не исполниле ниту едно од ветувањата за останување на Иран во договорот, по повлекувањето на САД од нуклеарниот договор, пренесува Anadolu Agency (AA).
Иранскиот министер за надворешни работи, Зариф, по состанокот на Владата во главниот град Техеран, во изјавата за медиумите го оцени платниот механизам (INSTEX), развиен од страна на европските партии, за да се олесни трговијата со Иран и да се заштитат европските компании од санкциите на САД.
Зариф, истакнувајќи дека по повлекувањето на САД од нуклеарниот договор имале многу состаноци со европските страни, рече: „За време на состаноците презедоа 11 обврски, вклучително и продажба на нафта, враќање на приходите од нафтата во земјата, инвестиции во Иран, транспорт, воздухопловство и поморски транспорт. На тие состаноци официјално ги објавија своите обврски, но INSTEX не покрива ниту една од тие обврски“.
Зариф, истакнувајќи дека INSTEX го сметаат како прв чекор за исполнување на 11-те обврски, рече дека европските земји треба да ги исполнат своите обврски.
На 8 мај 2018 година, американската администрација се повлече од нуклеарниот договор потпишан во 2015 година и почна повторно да наметнува санкции врз Иран.
Иранскиот претседател, Хасан Рохани, исто така на 8 мај, како одговор на санкциите од САД објави дека неговата земја ги намалила своите обврски кон нуклеарниот договор и им даде на страните 60 дена за да преземат мерки за заштита на интересите на Иран.
Рокот на Иран од 60 дена за европските земји ќе истече на 7 јули. По овој датум, се очекува Иран да премине во втората фаза од процесот за намалување на своите обврски кон нуклеарниот договор.
Неодамна администрацијата на Техеран изјави дека лимитот на збогатен ураниум го зголемиле над лимитот за резерви од 300 килограми, утврден во Договорот за нуклеарната програма.
По повлекувањето на Вашингтон од договорот, Германија, Велика Британија и Франција, кои сакаа да ја задржат администрацијата на Техеран во нуклеарниот договор, во јануари го поставија специјалниот механизам за плаќање, наречен INSTEX, за да ја олеснат трговијата со Иран и да ги заштитат европските компании од санкциите на САД.
Првата трансакција на INSTEX, која ја опфаќа фармацевтската и прехранбената трговија, беше направена минатата недела. Иран сака механизмот за плаќање да ја покрие и трговијата со нафта.