Mustafa Keleş
09 Март 2017•Ажурирај: 10 Март 2017
ЊУЈОРК (АА) - САД соопштија дека се возможни сите опции во врска со Северна Кореја, отфрлајќи го предлогот даден од страна на Кина – САД и на Јужна Кореја да ги прекинат воените вежби, а Пјонгјанг ракетните и нуклеарните тестирања, јавува Anadolu Agency (AA).
Американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли, денес порача дека лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун не е рационална личност.
„Очигледно е дека немаме работа со рационална личност. Ким Џонг-ун е неверојатно, неодговорно арогантен“, изјави Хејли.
Таа нагласи дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп разгледува на кој начин да се однесува кон Северна Кореја, и додаде: „Сите опции се отворени“.
Да потсетиме, Северна Кореја во понеделникот лансираше четири балистички ракети коишто прелетале околу 1.000 километри. Три од нив слетале во јапонската економска зона во морето, соопштија јужнокорејските и јапонските официјални лица. Јужнокорејската здружена команда соопшти дека ракетите се лансирани од полигонот Тончхан-ри, во покраината Северен Пјонгјанг.