Amir Latif Arain
23 Февруари 2026•Ажурирај: 24 Февруари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Кина денес ги повика САД да ги укинат едностраните царини што ги воведе за своите трговски партнери по одлуката на Врховниот суд на САД, со која се поништени повеќе царини наметнати од претседателот Доналд Трамп, јавуваат државните медиуми, пренесува Анадолу.
Портпаролот на кинеското Министерство за трговија изјави дека Пекинг доследно се спротивставува на едностраното зголемување на царините и дека во трговска војна нема победници, пренесе „Глобал тајмс“.
„Едностраните мерки преземени од САД, вклучително и реципрочните царини и царините поврзани со фентанил, не само што ги нарушуваат меѓународните трговски и економски правила, туку се спротивни и на законодавството на САД и не им служат на интересите на ниедна страна“, изјави портпаролот.
Од Министерството посочија дека досегашното искуство покажува оти соработката меѓу Кина и САД носи придобивки за двете земји, додека конфронтацијата им штети и на двете страни.
„Исто така, забележавме дека САД подготвуваат алтернативни мерки, како што се истраги во трговијата, со цел да ги задржат царините за своите трговски партнери. Кина внимателно ќе ги следи овие случувања и цврсто ќе ги заштити своите легитимни права и интереси“, додаде портпаролот.
Минатата недела Врховниот суд на САД пресуди дека реципрочните царини, царините поврзани со фентанил и другите давачки воведени врз основа на Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни состојби се незаконски.