„Катар ервејс“ премести 20 од своите авиони во Шпанија поради нарушувањата на воздушниот простор на Персискиот Залив
„Ова е привремена мерка и авионите постепено ќе бидат вратени во употреба како што ќе се нормализираат операциите“
ИСТАНБУЛ (АА) – Авиокомпанијата „Катар ервејс“ премести 20 од своите најголеми авиони во објект за долгорочно складирање во Теруел, Шпанија, сигнализирајќи подготовки за подолготрајни нарушувања во воздушниот простор во регионот на Персискиот Залив, јавува Анадолу.
Во текот на изминатата недела авиокомпанијата пренасочи повеќе авиони кон аеродромот во Теруел во Шпанија, кој е познат по операции за одржување и долгорочно складирање.
Според податоци од Флајтрадар24, во неделата биле пратени уште пет авиони, со што вкупниот број на летала на оваа локација достигна 20.
Голем дел од нив се од типот Ербас A380, Ербас A350 и Боинг 787 – меѓу најголемите во флотата на компанијата, кои вообичаено се користат за превоз на патници кон центарот во Доха и натамошни конекции.
Компанијата моментно работи со ограничен распоред на летови бидејќи голем дел од воздушниот простор во регионот е погоден од тековниот конфликт во Иран.
„Поради актуелната состојба во регионот и последователните нарушувања во операциите на летање, 'Катар ервејс' премести дел од своите авиони на избрани аеродроми надвор од Катар“, соопшти компанијата за „Фајненшл тајмс“.
„Ова е привремена мерка и авионите постепено ќе бидат вратени во употреба како што ќе се нормализираат операциите“, додаваат од авиокомпанијата.
Овој потег доаѓа во време кога американско-израелските напади врз Иран влегуваат во четврта недела, додека Иран возвраќа со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земји од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американски воени бази.
Нападите започнаа на 28 февруари, при што, според извештаи, загинале околу 1.300 лица, меѓу кои и тогашниот врховен лидер Али Хамнеи.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
