Ahmed Asmar
03 Септември 2024•Ажурирај: 05 Септември 2024
РАМАЛА (АА) – Палестина остро го осуди израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за користењето карта на која е избришан Западниот Брег, известува Анадолу.
„Мапата на Нетанјаху ја открива вистината за колонијалните и расистички планови на екстремистичката десничарска влада“, се вели во соопштението на палестинското Министерство за надворешни работи.
Премиерот на Израел во понеделникот прикажа голема дигитална карта на која територијата на Западниот Брег е избришана. Палестинците го осудија овој потег како експлицитна анексија на окупираната територија.
„Нетанјаху продолжува и постојано користи мапа која го вклучува Западниот Брег како дел од окупаторската држава, со јасно и експлицитно признавање на ова расистичко колонијално злосторство и непочитување на меѓународниот легитимитет и неговите резолуции, меѓународната волја за мир и потпишаните договори. Ова однесување е јасен предизвик на меѓународните напори да се запре војната на истребување и раселување и да заживее мировниот процес заснован на решението за две држави“, се додава во соопштението.
Палестинското Министерство за надворешни работи нагласи дека користењето на картата од страна на Нетанјаху ја одразува „неговата расистичка, експанзионистичка и колонијална политика што се практикува на теренот пред очите на светот“.
„Со голема загриженост го гледаме ова флагрантно кршење на меѓународното право, особено затоа што окупаторот ги врши најгрозоморните злосторства против нашиот народ“, се вели во соопштението.
Тензиите се зголемуваат низ окупираниот Западен Брег по бруталната израелска офанзива на Појасот Газа, во која од 7 октомври минатата година досега се убиени речиси 40.800 луѓе, главно жени и деца.
Оттогаш од истрелите на израелската војска на окупираниот Западен Брег се убиени најмалку 670 Палестинци, а повеќе од 5.600 се ранети.