Aşkın Kıyağan
04 Јули 2018•Ажурирај: 04 Јули 2018
ВИЕНА (АА) - Иранскиот претседател Хасан Рохани во Виена изјави дека неговата земја ќе продолжи да вложува напори да не го напушти Договорот за нуклеарната програма, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој порача дека Иран ќе остане при Договорот за нуклеарната програма и без Соединетите Американски Држави (САД), доколку бидат штитени итересите на неговата земја.
Рохани, кој престојува во официјална посета на Австрија, во главниот град Виена со највисоки почести беше пречекан од австрискиот претседател Александер ван дер Белен, а по билатералниот состанок е одржана заедничка прес-конференција.
Иранскиот претседател истакна дека со Ван дер Белен имал продуктивен и конструктивен состанок, и порача дека Договорот за нуклеарната програма е значаен за Иран и Европа, но и за целиот свет.
„Она што го прават САД се коси со меѓународните напори и договори. Тоа најмногу штета ќе нанесе на Американците“, порача Рохани, наведувајќи дека одлуката на САД да го напушти Договорот за нуклеарната програма е во спротивност со интересите на оваа земја.
Рохани истакна дека неговата земја ќе продолжи да вложува што е можно повеќе напори за да не го напушти Договорот.
„Освен САД, доколку земјите кои го потпишаа Договорот дадат гаранција дека ќе ги штитат интересите на Иран, ние ќе продолжиме со почитувањето на Договорот и без САД“, порача Рохани.
Тој додаде дека од другите земји потписнички се очекува силен политички став во врска со Договорот, кој е значаен во контекст на меѓународните односи и трговијата.
Австрискиот претседател изјави дека за време на средбата со колегата Рохани, освен за Договорот за нуклеарна програма, разговарале и за случувањата во Сирија, Јемен и во другите земји од регионот.
Тој потсети дека нуклеарниот договор е потпишан во 2015 година токму во Виена, и дека заштитата на овој договор има клучна улога во мултилатералните односи.
Тој истакна дека неговата земја е при ставот дека договорот треба да се зачува.
„Нашиот став нема да се менува сè додека Иран ги исполнува своите обврски. Меѓународната агенција за атомска енергија, во 11 извештаи коишто се објавени од потпишувањето на Договорот, наведува дека Иран ги исполнува своите обврски“, изјави Ван дер Белен.
Австрискиот претседател изјави дека со жалење гледа на одлуката на САД да се повлече од нуклеарниот договор, и повторно да воведе санкции на Иран.
Ван дер Белен истакна и дека со нуклеарниот договор се настојува да се отовори една нова страница во односите со Иран, и дека односите на Иран и Австрија секогаш ќе се темелат на меѓусебно почитување и дијалог.
Нуклеарниот договор, исто така познат како Заеднички сеопфатен акционен план (JCPOA), е потпишан меѓу Иран и големите светски сили Кина, Русија, Франција, Обединетото Кралство, САД и Германија.
Американскиот претседател Доналд Трамп во мај ги повлече САД од нуклеарниот договор со Иран, тврдејќи дека Иран води тајна програма за создавање нуклеарно оружје.