Mahmoud Barakat
06 Јули 2018•Ажурирај: 07 Јули 2018
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот претседател Хасан Рохани го опиша предлогот на Европската Унија за одржување на Договорот за нуклеарната програма од 2015 година како разочарувачки, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението што го објави неговиот Кабинет, Рохани за време на разговорот со германската канцеларка Ангела Меркел изјавил дека „предлогот нема јасен механизам за континуирана соработка“. Тој додал дека предлогот содржи само „серија општи обврски“.
Сепак, иранскиот претседател порача дека Техеран сè уште е подготвен да соработува со Европа, во зависност од исходот од министерскиот состанок во Виена, на кој ќе се разговара околу иднината на Договорот.
Наводно, Меркел од нејзина страна ја нагласила потребата од продолжување на преговорите, потврдувајќи ја желбата на ЕУ овој важен договор да остане „непроменет“.
Во мај американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од Договорот потпишан во 2015 година помеѓу Иран и шест светски сили (Германија и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН: Велика Британија, Кина, Франција, Русија и САД).
Другите потписници веруваат дека Договорот во сегашната форма е најдобар начин за намалување на иранската нуклеарна програма, бидејќи, со него таа има ограничувања, додека на Техеран за возврат му се тргнати санкциите.