Meltem Bulur
13 Декември 2017•Ажурирај: 13 Декември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Иран, Хасан Рохани порача дека се подготвени на соработка со муслиманските земји во цел заштита на Кудс, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на вонредниот Самит на Организацијата за исламска соработка (OIC), иранскиот претседател истакна дека во таа смисла нема никакви повлекувања и предуслови.
Рохани смета дека консултацијата и координацијата на некои земји со ционистичкиот режим влијаела на одлуката на САД за признавање на Кудс за главен град на Израел, која ја донесе претседателот на 6 декември. Според неговите зборови, тие настојуваат да ја утврдат судбината на Палестина.
Иранскиот претседател потсети дека муслиманите, христијаните и евреите отсекогаш живееле заедно на ова подрачје и дека странските ционисти се наметнале во овој регион.
„Ционистите го додаваат семето на тероризмот и насилството на Блискиот Исток“, рече Рохани, наведувајќи дека Советот за безбедност при ОН не ги презел потребните мерки.
Тој истакна дека САД на ционистичкиот режим му пружа секаков вид на оружје.
„САД никогаш не биле чесен посредник, ниту пак ќе бидат. Не играа позитивна улога во решавањето на палестинскиот проблем. Гледаме дека САД само се обидува да добие максимална корист“, рече Рохани.
Смета дека е потребно од овој самит да се прати силна порака на осуда на ваквата одлука на САД. Рохани нагласи дека е потребно обединување на сите муслимани против ционистичкиот режим.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела донесе одлука за признавање на Кудс како главен град на Израел, што предизвика остри реакции ширум светот.
Трамп исто така изјави дека веќе наредил амбасадата на САД да се премести од Тел Авив во Кудс. Ваквите потези на американскиот претседател покренаа низа демонстрации во Палестина, но и во голем број други земји во светот.
Израел го окупираше Источен Кудс на 5 јуни 1967 година. Таа земја во 1980 година Кудс еднострано го прогласи за главен град, а ОН оваа одлука ја прогласија за ништовна.