Ikrame Imane Kouachi
19 Септември 2025•Ажурирај: 19 Септември 2025
Израелската армија уби 18 Палестинци, меѓу кои и две деца, во нападите врз Појасот Газа рано утринава, а истовремено со експлозив разурна и станбени згради во градот Газа, соопштија медицински извори и официјални медиуми, јавува Анадолу.
Израел ја продолжува својата речиси двегодишна геноцидна војна во енклавата, обидувајќи се повторно да го окупира градот Газа и да ги расели неговите жители.
Според сведоци и медицински извори што разговарале со Анадолу, израелските напади биле насочени кон шатори на раселени семејства, како и собири на цивили во неколку делови од територијата.
Медицински извори соопштија дека во централниот дел на Газа е убиен еден Палестинец, а има повредени во нападот врз цивилен собир на улицата Ал-Азаиза во Деир ал-Балах.
Уште еден Палестинец е убиен, а неколкумина се повредени во друг напад во близина на раскрсницата Абу Срар во бегалскиот камп Нусејрат.
Во јужниот дел на Газа две палестински деца, брат и сестра, се убиени, а има повредени и во израелското гранатирање што взори погоди шатор за раселени лица во областа Ал-Маваси, западно од Кан Јунис.
Палестинската официјална новинска агенција Вафа објави дека уште 14 Палестинци се убиени од израелски оган и гранатирање на неколку области во Појасот Газа.
Пет тела се донесени во медицинскиот комплекс „Ал-Шифа“, три во баптистичката болница „Ал-Ахли“, пет во болницата „Ал-Авда“ и едно во болницата „Ал-Акса“, објави Вафа.
Во градот Газа се повредени неколку лица кога во израелското гранатирање е погоден шатор во близина на џамијата Ал-Тавхид во бегалскиот камп Ал-Шати.
Шестмина, меѓу кои жени и деца, се повредени во израелскиот артилериски оган во близина на раскрсницата Ал-Суси во истиот камп.
Сведоци изјавија дека армијата користела далечински управувани експлозивни возила за да разнесе згради и објекти во близина на седиштето на разузнавачката служба во северозападниот дел на градот Газа и во населбата Тел ал-Хава во јужниот дел на градот.
Во Рафа, во близина на областа Шакуш, од израелски оган се повредени неколкумина Палестинци кои ја чекале дистрибуцијата на помош, потврдија медицински извори.
Од 27 мај Израел користи едностран механизам за дистрибуција на помош преку таканаречената „Хуманитарна фондација за Газа“, која Палестинците ја нарекуваат „стапици на смртта“, а која не е признаена од ОН или меѓународните хуманитарни групи. Израелските сили постојано ги напаѓаат цивилите што чекаат помош на овие пунктови, при што убиваат и повредуваат илјадници.
Од 7 октомври 2023 година Израел спроведува геноцид во Газа, при што уби над 65.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца. Поради нападот раселени се стотици илјади луѓе, а предизвикан е и глад од кој умреа најмалку 435 луѓе, меѓу кои 147 деца.