свет

Израел се согласи на ограничено повторно отворање на граничниот премин Рафа

„Како дел од планот на претседателот Трамп од 20 точки, Израел се согласи на ограничено повторно отворање на граничниот премин Рафа исклучително за пешаци, под услов на целосен израелски механизам за инспекција“

İlayda Çakırtekin  | 26.01.2026 - Обновена : 26.01.2026
 Израел се согласи на ограничено повторно отворање на граничниот премин Рафа

ИСТАНБУЛ (AA) – Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху доцна синоќа соопшти дека Израел се согласил на ограничено повторно отворање на граничниот премин Рафа, во рамките на мировниот план од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа, пренесува Анадолу.

„Како дел од планот на претседателот Трамп од 20 точки, Израел се согласи на ограничено повторно отворање на граничниот премин Рафа исклучително за пешаци, под услов на целосен израелски механизам за инспекција“, се наведува во соопштението објавено на американската платформа за социјални медиуми X.

Во соопштението се додава дека отворањето на преминот е условено со враќањето на сите живи заложници, како и со целосните напори на Хамас за пронаоѓање и враќање на телата на загинатите заложници.

Во него се наведува дека Израел ќе го отвори преминот штом ќе заврши операцијата за пронаоѓање на телото на израелскиот војник Ран Гвили.

Израел целосно ја затвори палестинската страна на преминот Рафа во мај 2024 година, во рамките на двегодишната офанзива врз Појасот Газа, во која, од октомври 2023 година досега, убиени се повеќе од 71.400 Палестинци, главно, жени и деца.

Преминот Рафа, кој ја поврзува Газа со Египет, требаше повторно да биде отворен во октомври, во согласност со првата фаза од договорот за прекин на огнот што стапи на сила на 10 октомври, но Израел не го испочитува договорот.

Од почетокот на прекинот на огнот палестинските фракции ослободија 20 живи израелски заробеници и ги вратија телата на уште 27 лица. Телото на Гвили сè уште не е пронајдено.

Според Министерството за здравство во Газа, од стапувањето на сила на договорот за прекин на огнот, израелската армија извршила стотици прекршувања, при што се убиени најмалку 484 Палестинци, а повредени се 1.321 лице.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.