Hamdi Çelikbaş
20 Март 2019•Ажурирај: 20 Март 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, го повика Западот по терористичкиот напад во Нов Зеланд одлучно да се спротистави на расизмот, ксенофобијата и исламофобијата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во колумната објавена во весникот „Вашингтон пост“, турскиот претседател Ердоган истакна дека Западот сноси одредена одговорност по терористичкиот напад на Нов Зеланд.
Најмалку 50 лица се убиени во терористичкиот напад што во петокот се случи за време на петочната молитва во две џамии во новозеландскиот град Крајстчр. Новозеландската полиција го уапси 28-годишниот терорист Брентон Харисон Тарант од Австралија.
„Западното општество и владите мора да ги отфрлат расизмот, ксенофобијата и исламофобијата кои се во пораст во изминатите неколку години. Круцијално е да се воспостави јасен став против таквите изопачени идеологии и злосторства против човештвото, каков што е и антисемитизмот“, порача Ердоган.
„Мораме да ги расветлиме сите аспекти на тој случај и да сфатиме како терористот е радикализиран, дали има поврзаност со терористичките организации, а сето тоа за да спречиме таквите напади да се повторат“, наведе Ердоган.
Ердоган, исто така, наведе дека лидерите на сите западни земји треба да учат од примерот на храброста, лидерството и искреноста што ги покажува премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, и ги повика западните лидери да ја прифатат муслиманската заедница.
Терористот го пренесувал крвавиот поход врз верниците во џамиите „Ал Нур“ и „Линвунд“ во живо на социјалните мрежи, а објавил и расистички и исламофобичен манифест во кој ги нападна Турција и нејзиниот претседател Ердоган.
„Неверојатно е и вредно за подлабоко размислување колку пати ја спомена Турција и мене лично во тој манифест“, наведе Ердоган.
Турскиот претседател напиша дека терористот Тарант се обидел да го посее семето на омраза меѓу луѓето.
„Како претседател кој секогаш велел дека тероризмот нема религија, јазик, ниту раса, категорично ги отфрлам сите обиди минатонеделниот терористички напад да се поврзе со учењето, моралот и вредностите на христијанството“, порача Ердоган.
Споредувајќи ја идеологијата на терористот од Крајстчр со идеологијата на терористичката организација ДЕАШ, Ердоган наведе дека и терористот во манифестот повикал на повторно освојување на Истанбул, за тој град да се врати на христијаните.
„Во тој контекст мораме да сфатиме дека не постои никаква разлика меѓу тој убиец на невините луѓе и оние што извршиле такви терористички напади во Турција, Франција, Индонезија и на други места“, порача Ердоган.
Ердоган тврди дека исламофобијата и ксенофобијата тивко се дочекани во Европа и остатокот од западниот свет.
„Не смееме да дозволиме тоа повторно да се случи. Доколку сакаме да ги спречиме нападите како овој во Нов Зеланд, светот мора јасно да констатира дека тоа било продукт на гадна кампања“, наведе Ердоган.
Истакнувајќи дека турскиот народ нема да ги напушти своите вредности и повеќевековната татковина затоа што тоа некој терорист го бара, Ердоган исто така порача дека турскиот народ никогаш нема да дозволи да биде наговорен на нападите против која било религиска заедница, нација или етничка група.
Република Турција се придружи на Алијансата за борба против тероризмот веднаш по терористичките напади кои во САД се случија на 11 септември 2001 година. Турција пред шест децении стана и членка на НАТО.
„Наша стратешка цел е да станеме полноправна членка и на ЕУ. Со истата одлучност ќе продолжиме да соработуваме со сојузниците во борбата против сите видови на тероризмот“, заклучи Ердоган.