Barış Seçkin
25 Септември 2016•Ажурирај: 26 Септември 2016
МЕСИНА (АА) - Екипажот на женскиот брод за Газа во италијанскиот град Месина ги вршат последните подготовки пред патувањето, јавува Anadolu Agency (AA).
„Женскиот брод за Газа” (WBG) е иницијатива на Флотилата на слободата (FFC) и има за цел не само да ја оспори израелската блокада, туку да покаже солидарност и да однесе порака на надеж до палестинскиот народ.
Коалицијата на слободната флотила (FFC) на 8 март, Меѓународниот ден на жената, соопшти дека ќе организира женски брод до Појасот Газа (WBG).
Четвртата мисија (FF4), што е и последна, се состои само од жени.
Коалицијата ја поддржаа невладини организации од Австралија, САД, Турција, Канада, Мексико, Шпанија, Норвешка, Италија, Грција, Шведска и Јужна Африка.
Поточно, на бродот „Зејтун” се наоѓаат 30 активистки кои тргнаа на пат за со моќта на жените да ја оспорат блокадата, а во Италија пристигнаа пред два дена.
Флотилата од овој град ќе тргне на долго и значајно патување кон Газа, поради што потребни се интензивни подготовки, кои вклучуваат состаноци и презентации на кои добиваат информации за она со што можат да се соочат за време на патувањето.
Шведската пејачка и хуманитарка Елен Хат Хансон рече дека западните медиуми не посветуваат доволно внимание на проблемите на палестинските жени.

„Tреба да го дигнеме својот глас и да се бориме за нив”, смета таа.
На прашањето дали се загрижени за постоењето на ризикот дека израелските војници би можеле да дојдат на бродот, Хансон истакна дека се свесни за таа можност.
„Ние се подготвуваме за тоа сценарио. Цврсто сме убедени дека ќе стигнеме во Газа. Ќе успееме. Таму ќе се сретнеме со децата, со жените, со Палестинците. Ние сме жени кои сакаат да донесат правда за Палестина. Ние сме мирна иницијатива и сме против насилството. Нема да пружаме отпор”, порача Хансон.
На флотата ѝ се придружи и Американката Лиза Геј Хамилтон, која рече дека ѝ претставува голема чест што е дел од флотата.
„Некој сам како поединец верува во социјалната правда и слобода за сите. Израелската блокада е нелегална и нехумана. Палестинското општество отсекогаш било на посебно место во моето срце. Тие се наоѓаат во ужасна ситуација, тоа е речиси како затвор на отворено”, истакна Хамилтон.

Таа додаде дека ќе направи сè што е во нејзина моќ за тој народ.
Канаѓанката Венди Голдсмит верува дека постојат многу причини зошто е дел од екипажот на „женскиот брод”.
Запрашана дали се плаши од судир со израелските војници, рече дека многу се плаши, бидејќи тоа е многу опасна воена сила.
„Познато ни е дека претходно против активистите користеа сила”, додава таа.
Градоначалникот на Месина, Акоринти, рече дека им претставува голема чест што ќе ја испратат флотилата на нејзиниот пат за Газа.
„Овие жени дошле од секаде низ светот за да стигнат во Палестина. Тие ги жртвуваат своите животи за мирно и среќно човештво”, рече Акоринти.

Акоринти со активистките се сретна во зградата на општината Месина, која зазема важно место во историјата на ЕУ.
„Сè може да се промени. Бродот е мал, но треба да тргнеме со големи чувства. Треба да веруваме. Може ли светот да се промени? Може”, смета Акоринти, кој додаде дека и тој самиот своевремено бил активист.
Активистките во наредните денови со бродот „Зејтун” ќе испловат од Месина.
Бродот на 15 септември, заедно со бродот „Амал”, тргна од Барселона, но поради технички проблеми, „Амал” патувањето мораше да го заврши порано.