Mustafa Keleş
25 Септември 2016•Ажурирај: 26 Септември 2016
ЊУЈОРК (АА) - Советот за безбедност на ОН одржа вонредна седница во врска со стравичните воздушни напади изведени од страна на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад и руските сили во Алепо, во кои загинаа голем број цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
На почетокот на седницата за актуелната состојба во Сирија говореше специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, кој истакна дека ова се ужасни денови откако сирискиот режим еднострано прогласи крај на примирјето и започна страотни напади.
„Во последните напади загинаа над 200 луѓе, меѓу кои голем број жени и деца. Нападите во Алепо се досега невидени и во однос на интензитетот и во однос на типот на користените проектили. Ако сириската влада сака воена победа во Алепо, тоа ќе значи повеќемесечно улично војување што во целост ќе го уништи градот", рече Мистура.
Укажувајќи на вознемирувачките снимки и извештаи за страдањето на цивилите во Алепо, Мистура истакна дека сè укажува на тоа дека овие напади може да се карактеризираат како воено злосторство.
Критикувајќи го сирискиот режим и Русија, кои под изговор за борба против тероризмот, вршат воздушни напади врз Алепо, Мистура рече дека над 200.000 луѓе не можат да бидат терористи.
„Невозможно е од сириската војна некој да излезе како победник. Ако не се најде решение, а судирите продолжат, ќе изгуби сирискиот народ", порача Мистура.
Тој ги коментираше и честите прашања што ги прима во врска со можноста за поднесување оставка на позицијата пратеник на ОН за Сирија, и рече дека нема да се повлече од оваа функција бидејќи тоа би можело да значи дека меѓународната заедница дигнала раце од сирискиот народ.