Zeynep Tüfekçi
03 Октомври 2017•Ажурирај: 04 Октомври 2017
КАИРО (АА) - Египет соопшти дека бродот што отпловил од Северна Кореја е запрен пред да влезе во Суецкиот Канал, и уништена е противтенковската муниција што тој ја пренесувал, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на египетското Министерство за надворешни работи, Ахмед Ебу Зејд, објави писмено соопштение во врска со веста на весникот „Washington Post“ (Вашингтон пост) околу тоа дека САД во август го предупредиле Египет оти во Суецкиот Канал се наоѓа сомнителен брод, и оти дестинацијата на овој брод е Египет.
Ебу Зејд пренесе дека Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) упатил пофални зборови за Египет, во врска со спроведувањето на одлуките донесени во врска со Северна Кореја.
Ебу Зејд вели дека „Washington Post“ со оваа вест направил обид да остави впечаток дека Египет не ги почитува одлуките на ОН околу Северна Кореја.
„Египетската администрација запре брод којшто пловеше под знамето на Камбоџа откако доби информација дека бродот што отпловил од Северна Кореја пренесува противтенковска муниција, и во присуство на екипа од Комитетот за санкции 1718, формирана од страна на Советот за безбедност на ОН за следење на сите санкции против Северна Кореја, запленета е и уништена целата муниција“, истакна Ебу Зејд.
Ебу Зејд се осврна на тврдењето на „Washington Post“ оти „дестинацијата на бродот натоварен со противтенковска муниција била Египет“, и рече дека во извештајот на Комитетот за санкции не постои ваква информација.
Пјонгјанг сѐ уште не се изјасни околу ова прашање.
Инаку, Северна Кореја се соочува со строги санкции од страна на САД и наиде на остри осуди на меѓунардната заедница по последователните ракетни и нуклеарни тестирања.
По шестото нуклеарно тестирање на Пјонгјанг, на 3 септември, беше прифатена деветтата резолуција на Советот за безбедност на ОН од 2006 година, зголемувајќи ги меѓународните санкции против оваа земја.