Fatih Erel
02 Мај 2016•Ажурирај: 03 Мај 2016
ЖЕНЕВА (АА) - Американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека меѓународната заедница е фокусирана на имплементација на договорот за прекин на судирите на целата територија на Сирија, со посебен акцент на регионот Алепо, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на работната посета на Женева, Кери во седиштето на Обединетите нации се сретна со специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура.
„Договорот за прекин на судирите во Сирија се соочува со еден вид тест фаза, и во одредени региони се покажа како не успешен. Сега сме во фаза на ревидирање и обнова на овој договор”, рече Кери по средбата Мистура.
Истакнувајќи дека посебно внимание се посветува на ситуацијата во Алепо, Кери изјави дека САД и Русија постигнале договор за формирање на дополнителен тим кој во Женева ќе работи на процесот на запирање на судирите во Сирија.
Кери, исто така, нагласи дека во Женева се сретнал и со шефот на саудиската дипломатија Адил бин Ахмед Ал Џубејр и дека сириските опозициски групи се подготвени повторно да седнат на преговарачка маса, кога станува збор за повторна имплементација на прекинот на огнот.
Специјалниот пратеник на ОН за Сирија Де Мистура, по средбата со Кери во Женева истакна дека во процесот на воспоставување примирје во Сирија треба најмногу внимание да се посвети на ситуацијата во Алепо.
Де Мистура најави дека утре ќе отпатува за Москва на разговори со руските официјални лица за ситуацијата во Сирија.