Betül Yürük
21 Септември 2017•Ажурирај: 21 Септември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Високиот комесар на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, изјави дека САД ја ревидираат својата политика кон Иран, но оти е постигнат меѓународен договор за иранската нуклеарна програма и дека нема кршење ниту на една страна, јавува Anadolu Agency (AA).
Могерини на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк се сретна со шефовите на дипломатијата на Иран и на групата П5-1 (САД, Франција, Русија, Кина, Велика Британија и Германија), а главна тема на дискусијата беше спроведувањето на договорот за иранската нуклеарна програма кој овие земји го потпишаа.
„На средбата откривме дека сите страни, без никакви проблеми ги спровеле одредбите од договорот“, рече Могерини.
Американскиот претседател Доналд Трамп пред два дена изјави дека договорот со Иран е голем срам за САД, а европската комесарка Могерини објасни дека Вашингтон ја ревидира општата политика кон Иран, но дека не постои дискусија за условите на договорот.
„Договорот за нуклеарното прашање е корисен и не се прекршува. Нуклеарната закана во моментов доаѓа од друг дел на светот и светот нема можност за луксуз, да го раскинува корисниот договор“, рече Могерини и додаде дека договорот со Иран е од меѓународен карактер, а не став на една земја.