Nour Mahd Ali Abu Aisha,Said İbicioğlu
15 Февруари 2018•Ажурирај: 17 Февруари 2018
ГАЗА (АА) - НУР ЕБУ ИЈШЕ - Тешките зимски услови го отежнуваат животот на Палестинците кои поради израелската блокада на Газа, која трае веќе 12 години, останаа без своите домови и живеат во шатори без услови, јавува Anadolu Agency (AA).
Поради невработеноста и сиромаштијата до кои доведе повеќегодишната блокада на Газа, цели семејства се принудени да живеат на улица, без покрив над главата.
Меѓу нив е и Фадл ед-Дејри со сопругата и своите осум деца. Живеат во шатор поставен покрај улица, кој многу често е носен од силниот ветар и дожд. Тој раскажа дека неодамна се случило ветрот да го однесе шаторот, а децата биле во шок и страв.
Дејри истакна дека е невработен и дека живеел како потстанар. Меѓутоа, исфрлени се од куќата кога не можеле да плаќаат кирија за станот во којшто престојувале.
„Животот ми помина во изнајмени станови. Често кирија ми плаќаа луѓе со добра волја“, раскажа Дејри.

И Хани ел-Лахам (57) живее на улиците на Газа. Претходно имал фарма која морал да ја напушти по банкротот. Сега живее на улицата со сопругата и своите три деца. Неговото најмало дете има само две години.
„Во текот на ноќта не можеме да спиеме поради силниот ветар и дожд кои го уништуваат шаторот и водата влегува внатре. Живееме на брегот, а тука има силни ветрови. Се плашам да не биде потполно уништен, бидејќи немаме каде да одиме на друго место“, појасни Лахам.
Тој порача дека животот во Газа е многу тежок и секојдневно се плаши за животот на своите деца.
Според последните податоци, околу 80 отсто од жителите на Газа живеат на работ на сиромаштијата.