Hasan Esen
10 Мај 2019•Ажурирај: 11 Мај 2019
ЛОНДОН (АА) – Во една џамија во Лондон, главниот град на Англија, беа преземени безбедносни мерки откако вооружено лице се обиде да влезе во џамијата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Лондонската полиција соопшти дека имале дојава оти вооружено лице се обидело да влезе во џамијата „Севен кингс“, која се наоѓа во округот Илфорд, во 22:45 часот по локално време.
Локалните медиуми напишаа дека вооруженото лице било маскирано и дека граѓаните во џамијата го спречиле да влезе внатре. Во тој момент се слушнал еден истрел.
Инцидентот се случил за време на молитвата теравија (намаз кој се клања само за време на Рамазан). Веднаш по инцидентот џамијата била обезбедена од вооружени полицајци.
Лондонската полиција во текот на ноќта објави соопштение преку своите социјални медиуми: „Во оваа фаза се смета дека оружјето било празно. Нема повредени, а исто така нема и оштетување на имот. Настанот не се разгледува во рамките на тероризам“.
Соопштено е дека полицијата ќе остане во областа, а исто така продолжуваат активностите за да се пронајде осомничениот, кој избегал од местото на настанот.
Во 2017 година, едно лице загина во нападот со камион во близина на џамијата „Финсбери парк“ во Лондон.
По терористичкиот напад на две џамии во Нов Зеланд, што се случи во март, муслиманите во Британија побараа да се преземат поголеми безбедносни мерки во џамиите.
Покрај тоа, во Бирмингем беа извршени напади врз 6 џамии, а во Њукасл беше извршен напад врз едно исламско училиште. Нападите предизвикаа материјална штета.
Невладината организација „Tell Mama“ од Велика Британија, наведува дека по терористичките напади во Нов Зеланд се зголемени исламофобичните напади во земјата.