Во Берлин се одржуваат протести поради израелскиот напад врз Глобалната флотила „Сумуд“
Демонстрантите носеа палестински знамиња и транспаренти и извикуваа слогани во поддршка за Палестина

БЕРЛИН (АА) - Денес во Берлин се одржуваат протести поради израелскиот напад врз Глобалната флотила „Сумуд“ и притворањето на активисти од страна на Израел, јавува Анадолу.
Демонстрантите носеа палестински знамиња и транспаренти и извикуваа слогани во поддршка за Палестина.
Глобалната флотила „Сумуд“ соопшти дека 443 активисти од 47 земји се приведени откако нивните бродови биле нападнати од израелските сили во близина на брегот на Газа.
Во соопштението се вели дека израелските сили насила ги однеле активистите од бродот, при што нивното приведување е опишано како „незаконско киднапирање“.
Според официјалниот систем за следење на флотилата, 21 брод биле нападнати од израелските поморски сили, се верува дека биле нападнати уште 19 , а три сè уште се на пат кон Газа.
Активистите на бродовите нападнати од Израел се од различни националности, меѓу кои има Шпанци, Италијанци, Бразилци, Турци, Грци, Американци, Германци, Швеѓани, Британци, Французи и многу други.
Израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека активистите биле пренесени на пристаништето Ашдод пред да бидат депортирани во Европа.
Израелскиот напад се случи и покрај апелите на меѓународните организации за заштита на флотилата. Амнести Интернешнал, исто така, упати апел.
Од ОН предупредија дека секој напад врз конвојот би бил неприфатлив.
И претходно Израел напаѓаше бродови што се движеа кон Газа, го запленуваше нивниот товар и ги депортираше активистите што биле на бродовите.
Флотилата, која превезуваше главно хуманитарна помош и медицински материјали, исплови кон крајот на август за да ја пробие израелската блокада на Газа.
Последниве години тоа е најголем обид да се стигне до енклавата, која е под блокада речиси 18 години.
Израел дополнително ја заостри блокадата во март, затворајќи ги сите гранични премини и блокирајќи ги храната, лековите и помошта, со што предизвика состојба на глад во Газа.
Израелската армија уби над 66.200 Палестинци, повеќето од нив жени и деца, од октомври 2023 година.