Ekipa
11 Мај 2016•Ажурирај: 12 Мај 2016
АМАН (АА) - Поради војните и природните катастрофи минатата година ширум светот внатрешно раселени се 27,8 милиони луѓе, соопшти Норвешкиот совет за бегалци, нарекувајќи ја оваа појава глобална криза, пренесува Anadolu Agency (AA).
Норвешкиот совет за бегалци предупреди дека овој број е еднаков на вкупниот број жители во Њујорк, Лондон, Париз, Каиро, и дека во просек минатата година дневно се раселени по 66.000 луѓе.
Во извештајот се наведува дека минатата година, поради конфликти, внатрешно се раселени 8,6 милиони луѓе од кои повеќе од половина во Сирија, Јемен и Ирак.
Групата наведува дека четвртина од вкупниот број, односно 2,2 милиони луѓе раселени се само во Јемен, што е 20 пати повеќе во однос на 2014 година.
По Јемен, најмногу раселени се во Сирија, 1,3 милиони а во Ирак се нешто повеќе од милион раселени лица.
Директорот на Норвешкиот совет за Блискиот Исток, Карстен Хансен, изјави дека додека побогатите и постабилните земји се обидуваат да ги оддалечат азилантите од своите граници, „милиони луѓе остануваат заглавени во нивните земји каде што смртта е зад аголот".