Michael Hernandez
11 Мај 2016•Ажурирај: 12 Мај 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Властите на САД изразија длабока загриженост поради синоќешното погубување на лидерот на најголемата исламистичка партија во Бангладеш, Мотиур Рахман Низами, кому претходно му беше изречена смртна казна поради злосторства изведени во текот на војната во Бангладеш во 1971 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Од американскиот Стејт Департмент порачаа дека процесот на процесуирање на воените злосторства на судовите во Бангладеш забележал одреден напредок, но дека мора уште многу да се направи со цел судските процесуирања од тој тип да ги задоволи домашните и меѓународни норми.
„Длабоко сме загрижени поради начинот на кој се водат судските процеси и погубувањата и таа загриженост ќе ја имаме сè додека не бидат направени потребните реформи со цел да се задоволат меѓународните правни норми”, изјави портпаролката на Стејт Департментот, Елизабет Трудо.
Нагласувајќи дека САД го поддржува процесуирањето на осомничените за воени злосторства во текот на војната за независност на Бангладеш, Трудо рече дека за спорните начини на процесуирање официјален Вашингтон ќе разговара со властите на Бангладеш.
Лидерот на партијата Џемат е-Ислами во Бангладеш, Мотиур Рахман Низами (73), е осуден на смрт во октомври 2014 година од Меѓународниот трибунал во Бангладеш и погубен е синоќа. Тој е прогласен за виновен за воени злосторства, вклучувајќи геноцид, силување и тортура во текот на војната за независност на Бангладеш.
Подготовките за неговото погубување започнаа минатиот четврток кога Врховниот суд на Бангладеш го одби барањето на Низами за ревидирање на пресудата.
Низами пред погубувањето одби да бара помилување од претседателот на Бангладеш Абдула Хамид.