Ahmet Gürhan Kartal
01 Март 2022•Ажурирај: 02 Март 2022
ЛОНДОН (АА) - Британскиот премиер, Борис Џонсон, денес изјави дека Велика Британија е подготвена да прими 200.000 Украинци во екот на хуманитарната криза во нивната земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
По средбата со неговиот полски колега Матеуш Моравјецки, Џонсон рече дека Велика Британија отсекогаш имала традиција да прифаќа луѓе од воените зони.
„Тоа може да доведе до тоа Велика Британија да прифати 200.000 луѓе, можеби и повеќе“, рече Џонсон.
Британскиот премиер изјави дека рускиот претседател Владимир Путин, кој нареди воена операција во Украина минатиот четврток, ја потценил страсната желба на Украинците да ја бранат својата земја, но и единството и одлучноста на Западот и остатокот од светот.
Тој исто така рече дека е поубеден од кога било дека Путин ќе пропадне.
Додаде дека рускиот претседател користи варварска тактика во Украина и рече дека смета оти оние што целат цивили треба да бидат изведени пред Меѓународниот кривичен суд.
Британскиот премиер, кој денеска престојува во посета на Полска, ја пофали земјата којашто е на првата линија на хуманитарните напори.
Руската воена операција во Украина денес влезе во шестиот ден, а најголемиот товар од вооружениот конфликт го носат цивилите. Во последниот извештај се вели дека руските сили се движат кон главниот град Киев, додека во другите градови, како Харков, ракетирањето продолжи и утринава.