Dildar Baykan
13 Март 2020•Ажурирај: 13 Март 2020
ВАШИНГТОН (АА) - „Вашингтон пост“, еден од највлијателните медиуми во Соединетите Американки Држави (САД), објави снимки за кои тврди дека се гробници во Иран во кои се закопани починатите од коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (AA).
На снимките објавени на интернет страницата на медиумот е видливо, како што се наведува, дека на гробиштата „Бехешт-е Масумех“ во Ком, кои во најголем дел во октомври 2019 година биле празни, по 21 февруари, откако се појави вирусот, започнало копање на гробови на пошироко подрачје.
Во веста се наведени одредени ставови на експерти и уште неколку извори, како и дека гробовите се подготвени за да бидат погребани починатите од коронавирусот.
Одредени неименувани експерти од американската компанија „Максар Технолоџис“ (Maxar Techologies) наведуваат дека на сателитските снимки можат да се видат купови вар покрај гробовите, што може да индицира дека починатите од вирусот се покриени со вар и така погребани.
Споделени се и снимки на кои наводно е видливо закопувањето на починатите од коронавирусот, кои на 3 март ги објави персискиот сервис на Би-би-си (BBC).
Се истакнува и дека Иран запоставил низа процедури за време на закопувањето и дека жртвите биле закопувани набрзина.
Според официјалните податоци, со вирусот се заразени 10.000 лица,меѓу кои и високи функционери, а 429 лица починаа. Меѓутоа, некои извори тврдат дека Иран ја крие вистинската ситуација и дека бројките се многу поголеми.