свет

Британската Зелена партија ја освои првата дополнителна парламентарна изборна трка во Вестминстер

- Хана Спенсер, локална водоинсталатерка и советничка од редовите на зелените, успеа да ја анулира предноста од 13.000 гласа на лабуристите во изборната единица Гортон и Дентон и да стане прв пратеник на партијата во Северна Англија.

Aysu Biçer  | 27.02.2026 - Обновена : 27.02.2026
 Британската Зелена партија ја освои првата дополнителна парламентарна изборна трка во Вестминстер

ЛОНДОН (АА) – Британската Зелена партија ја забележа својата прва победа на дополнителните парламентарни избори во Вестминстер, остварувајќи историски успех во изборна единица што со децении беше упориште на владејачката Лабуристичка партија, јавува Анадолу.

Хана Спенсер, локална водоинсталатерка и советничка од редовите на зелените, успеа да ја анулира предноста од 13.000 гласа на лабуристите во изборната единица Гортон и Дентон и да стане прв пратеник на партијата во Северна Англија.

Со овој резултат Реформ УК се пласира на второ место, а Лабуристичката партија падна на трето место. Лабуристите немаа пораз во оваа област од 1931 година.

Во победничкиот говор Спенсер изјави дека ќе се бори за луѓето што се чувствуваат „запоставени“ и нагласи дека не се разликува од граѓаните што ги претставува.

„Дури и во хаос, дури и под притисок, јас ги завршувам работите. Не пораснав со желба да бидам политичар. Јас сум водоинсталатерка“, рече таа.

„Не се разликувам од ниеден човек во оваа изборна единица. Работам напорно. Тоа е она што го правиме.“

Спенсер додаде дека илјадници гласачи ѝ кажале дека им е „доста од разочарувања и потценување“, како и од тоа што „нивната напорна работа ги прави другите богати“.

- „Ги поразивме партиите на милијардерите донатори“

Во говорот таа ги критикуваше и, како што рече, поделбите во политиката, вклучително и употребата на исламофобична реторика.

„Не можам да ја прифатам оваа победа без да ги повикам на одговорност политичарите и фигурите што прават поделби, кои постојано ги жртвуваат и обвинуваат нашите заедници за сите проблеми во општеството“, изјави таа.

„Моите муслимански пријатели и соседи се како мене – луѓе.“

Шеговито се осврна и на својата нова улога, велејќи: „До моите клиенти – извинете, но мислам дека ќе мора да ја откажам работата што сè уште не сте ја закажале затоа што одам во Парламент.“

Спенсер вети дека ќе ги претставува работниците кога ќе го заземе своето место во Весминстер.

„Кога ќе стигнам таму, ќе направам простор за сите што работат како мене. Конечно ќе имаме место на масата. Може да бараме подобро без да се мразиме меѓу себе“, порача таа.

Спенсер додаде дека зелените воделе „кампања исполнета со надеж, поддржана од илјадници волонтери и активисти“ и дека „ги поразиле партиите на милијардерите донатори“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.