Rania R.a. Abushamala
25 Март 2024•Ажурирај: 29 Март 2024
КАИРО (АА) - Имамот на египетскиот универзитет „Ал-Азхар“, најголемото седиште за едукација на сунитските муслимани, истакна дека реакциите на меѓународната заедница за израелската војна против Газа се разочарувачки, јавува Анадолу.
Изјавата на шеикот Ахмед ал Тајеб дојде за време на неговиот прием кај генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, кој престојува во посета на Каиро, се вели во соопштението на „Ал-Азхар“.
Тие разговараа за најновите случувања во Газа, се наведува во соопштението.
Ал-Тајеб истакна дека „тоа што се случува во Газа се заканува да ги поткопа напорите за комуникација и зближување што ги преземаме со години и обидите да го премостиме јазот меѓу Истокот и Западот“.
Одговорот на меѓународната заедница на агресијата врз Газа е разочарувачки и фрустрирачки за разлика од оној за луѓето во западните општества, додаде тој.
Имамот го пофали ставот на народот, велејќи: „Видовме голема правичност од западните народи и американскиот народ, па дури и од некои Евреи со праведни умови што излегоа да бараат прекин на агресијата врз Газа.“
Во египетското соопштение се цитира Гутереш: „Ја пренесувам нашата благодарност до 'Ал-Азхар' како силен глас што го брани и поддржува палестинскиот народ и нашето инсистирање за вршење притисок врз меѓународната заедница да ги почитува правата на Палестинците и да го намали нивното страдање.“
„Вчера го посетив преминот Рафах за да пратам порака за неопходноста од запирање на агресијата и меѓународната заедница да ги исполни своите обврски со одлуки, а не само со зборови.“
Гутереш нагласи дека „исламофобијата значително се разви и стана една од најраспространетите форми на дискриминација и омраза, потпомогната од современите технолошки достигнувања“.
Гутереш во саботата пристигна во египетскиот град Ел-Ариш во непосредна близина на Појасот Газа во своја втора посета од почетокот на израелската војна врз Газа минатиот октомври и ги посети ранетите Палестинци кои беа пренесени од Појасот Газа на лекување во болницата во градот.
Израел започна напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас.
Најмалку 32.226 Палестинци се убиени во израелските напади врз Појасот Газа од октомври, соопшти во неделата Министерството за здравство во опколената енклава.
Според Обединетите нации, војната принуди 85 отсто од населението на Газа на внатрешно раселување поради акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а поголем дел од инфраструктурата на енклавата е оштетен или уништен.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој со привремената одлука во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за да гарантира хуманитарна помош за цивилите во Газа.
Непријателствата и понатаму продолжуваат со ненамалено темпо, а испораките на помош се недоволни за справување со хуманитарната катастрофа.