Австралија зборува за „херојот“ Ахмед ал-Ахмед кој беше повреден кога храбро го разоружи напаѓачот во Сиднеј
„Ова е најневеројатната сцена што сум ја видел. Човек што оди кон вооружен напаѓач што пука врз заедницата и сам го разоружува, ставајќи го својот живот во опасност за да ги спаси животите на безброј други.“
ИСТАНБУЛ (АА) – Австралиските медиуми објавија дека лицето што интервенирало за време на вооружениот напад на плажа во Сиднеј и разоружи еден од напаѓачите е 43-годишниот Ахмед ал-Ахмед, јавува Анадолу.
Според извештајот на News.com.au, видеоснимка го забележала моментот од нападот на плажата Бонди, кога еден маж му се приближил одзади на еден од напаѓачите, му ја одзел пушката и го неутрализирал.
„News.com.au може да потврди дека херојот е 43-годишниот Ахмед ал-Ахмед, жител на Сиднеј и сопственик на продавница за овошје во Сатерленд“, се наведува во извештајот.
Ал-Ахмед, Сириец по потекло од селото Ал-Најраб во покраината Идлиб, Северозападна Сирија, кој има австралиско државјанство, бил погоден со два куршума за време на нападот и пренесен е во болница на лекување.
Неговиот братучед, Мустафа ал-Асад, за „7Њуз“ од болница изјави дека Ал-Ахмед ќе биде подложен на хируршка интервенција во текот на вечерта.
Тој додаде дека Ал-Ахмед, татко на две деца, нема искуство со огнено оружје, како и дека неговата здравствена состојба е стабилна.
„Се надеваме дека ќе биде добро – тој е херој“, изјави Ал-Асад.
Во интервјуто за катарската телевизија Ал Араби, Ал-Асад истакна дека неговиот братучед интервенирал од „хуманитарни причини“, реагирајќи инстинктивно кога видел како луѓето стануваат жртви на нападот.
Тој го цитираше Ал-Ахмед дека неговата постапка била „хуманитарен чин“ и дека во моментот не размислувал за ризиците, ниту за тоа кои се целите на нападот.
„Секој чесен човек, кога ќе види дека се убиваат луѓе, не би се двоумел да се обиде да го запре тоа“, пренесе Ал-Асад, цитирајќи го Ахмед.
Интервенцијата на Ахмед ал-Ахмед стана главна тема во австралиските медиуми и јавноста, а снимките од инцидентот масовно се споделуваа на социјалните мрежи.
Весникот „Сиднеј морнинг хералд“ го опиша Ал-Ахмед како „херој што спасил многу животи“.
Премиерот на сојузната држава Нов Јужен Велс, Крис Минс, го пофали Ал-Ахмед, велејќи: „Ова е најневеројатната сцена што сум ја видел. Човек што оди кон вооружен напаѓач што пука врз заедницата и сам го разоружува, ставајќи го својот живот во опасност за да ги спаси животите на безброј други.“
„Тој човек е вистински херој и немам сомнение дека вечерва многу луѓе се живи токму поради неговата храброст“, додаде Минс.
Во нападот на плажата Бонди во Сиднеј во неделата загинаа најмалку 16 лица, меѓу кои 15 жртви и еден од напаѓачите, а 42 лица се хоспитализирани.
На прес-конференцијата австралискиот премиер Ентони Албанезе изјави дека нападот бил насочен кон еврејската заедница во Австралија.
Властите соопштија дека еден осомничен бил убиен, а другиот повреден осомничен е приведен.
Претставници на муслиманската заедница во Австралија го осудија нападот и изразија солидарност со жртвите и нивните семејства.
