Ivana Ramadanova
05 Март 2018•Ажурирај: 06 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Јавното обвинителство за гонење кривични дела, кои се поврзани и произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, денеска учествуваше на свеченото отворање на проектот: „Заедно за одговорност: Поддршка на Специјалното јавно обвинителство на Македонија во зајакнувањето на неговите оперативни капацитети и капацитетите за меѓународна правна соработка“, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред почетокот на отворањето, специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, истакна дека целта на овој проект е поддршка на Специјалното јавно обвинителство во неговиот мандат за истраги и гонење преку развивање на неговите оперативни капацитети за ефективно водење истраги, гонење и зајакнување на неговите капацитети за меѓународна правна соработка.
„За овој проект аплициравме минатата година во февруари, во Министерството за надворешни работи на Холандската амбасада. Проектот беше прифатен во почетокот на септември и заедно со проектот МАТРА, ќе трае околу три години, односно ќе се работи на зајакнување на оперативните капацитети на Специјалното обвинителство и меѓународната правна помош, која ни е неопходна за побрзо водење на нашите финансиски истраги“, истакна Јанева.
Во истрагата за проектот „Скопје 2014“, за која денеска обвинителката Катица Јанева рече дека е при крај, Специјалното јавно обвинителство трага по изнесените пари од Македонија.
Обвинителката посочи дека Специјалното јавно обвинителство го истражува одлевањето пари од Македонија во странство, додавајќи дека истражува финансиски криминал во Чешка, Грција, Велика Британија и Холандија.
Специјалната јавна обвинителка, исто така, кажа и дека не е задоволна од одолговлекувањето на судските процеси по поднесените обвиненија, но сега не толку од Судот, колку од обвинетите и нивните адвокати.
Воедно, таа ја повика Асоцијацијата на адвокати и останатите тела, да се ангажираат околу интегритетот и професионалноста на адвокатите, додавајќи дека треба да бидат многу професионални и пред Судот и пред Обвинителството, а пред сè кон обвинетите, на кои треба да им ги заштитат нивните човекови права.