Ivana Ramadanova
04 Март 2018•Ажурирај: 05 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Итен прекин на преговорите со Грција, е главната порака која ја испратија граѓаните на денешниот протест на плоштадот Македонија во Скопје, во организација на повеќе движења од Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
На протестот, дел од демонстрантите носеа и пароли на кои пишуваше слобода, велат дека се собрале поради политиките што ги загрозуваат националните интереси на македонскиот народ.
Собраните граѓани најпрвин потсетија дека пред година дена започнаа граѓанските протести на здружението „За заедничка Македонија“ и побараа да бидат ослободени лицата кои се во притвор поради настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија.

Од Светскиот македонски конгрес, како едни од организаторите на протестот, порачаа дека бараат да се стави крај на разговорите за спорот со името помеѓу Македонија и Грција, повлекување на Законот за употреба на јазиците, повлекување на Договорот за добрососедство со Бугарија, ослободување на притворените и осудените за насилствата во Собранието на 27 април.
Од собирот се побара да се прекинат преговорите со Метју Нимиц, а Владата, како што рекоа, да се обрати до Генералното собрание на ОН, како единствена меѓународна истанца во која Република Македонија е рамноправна членка со сите држави кои ја признаваат под уставното име.
Исто така, граѓаните кои протестираа порачаа и дека отфрлаат референдум за името, барајќи, од власта, како што велат, да се откаже од намерата за промена на името.
Најавија дека барањата ќе бидат доставени до Претседателот, Собранието и до Владата на Република Македонија, како и до сите странски амбасади во Р. Македонија.
Собраните граѓани порачаа дека доколку Владата не ги прифати барањата, бараат самораспуштање на Собранието и одржување вонредни парламентарни избори.
Движењето „Ние сме Македонија” започна во јануари со симболичен собир пред македонската амбасада во Вашингтон, каде што за првпат беше објавена декларацијата со којашто се бара итен прекин на разговорите за името и поднесување на резолуција во Генералното собрание на ОН за признавање на уставното име на Република Македонија.
Под мотото „Ние сме Македонија“ денеска се протестира низ повеќе европски метрополи, а протести се одржаа и во Австралија.