Abdula Berisha
02 Октомври 2019•Ажурирај: 03 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, кој престојува во дводневна посета на Република Северна Македонија, беше пречекан во Скопје од претседателот Стево Пендаровски, јавува Anadolu Agency (AA).
По билатералната и меѓуделегациската средба, двајцата претседатели одржаа заедничка прес-конференција, на која ги истакнаа добрите односи меѓу двете држави.
Претседателот Пендаровски истакна дека ова е прва посета на странски претседател од почетокот на неговиот мандат. Тој истакна дека со претседателот Ѓукановиќ заклучиле дека двете држави споделуваат исти надворешно-политички приоритети и цели.
„Нашите две држави ги поврзува заедничкото минато, но уште повеќе заедничка иднина, водење на нашите држави кон патот на мирот и просперитетот кон обединета Европа. Како земја особено ја цениме јасната и недвосмислена поддршка од Црна Гора во остварувањето на нашите врвни стратешки цели, членството во НАТО и ЕУ“, рече Пендаровски.
Претседателот на Северна Македонија исто така рече дека нема отворени прашања меѓу двете држави и потсети дека Црна Гора беше меѓу првите држави кои го ратификуваа Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО.
Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, истакна дека не е случајно што тој е првиот лидер на држава што ја посетил земјата по изборот на Пендаровски, нагласувајќи дека тоа произлегува од довербата меѓу двете држави.
Ѓукановиќ исто така рече дека добрите односи меѓу двете земји датираат од времето на поранешна Југославија, нагласувајќи дека нема да има стабилност во регионот без целосна интеграција во НАТО и во ЕУ.
„Како некој кој ја предводеше својата земја во патот до членството во НАТО и што ја познава добро оваа фаза, навистина можам со сигурност да кажам дека ние не само пријателски, туку и реално веќе ја третираме Северна Македонија како дел од НАТО, но знаеме дека треба беспрекорно и прецизно да се заврши сѐ она што е преостанато“, рече Ѓукановиќ.
Двајцата претседатели ја пофалија соработката во воената и културната сфера, нагласувајќи дека постои потенцијал за подобра економска соработка.
Пендаровски и Ѓукановиќ беа прашани и за најавената посета на регионот на американскиот државен секретар Мајк Помпео, при што рекоа дека се среќни што оваа посета не се случила во време на криза, како што се случувало порано, додавајќи дека ова го потврдува зголеменото присуство на САД во регионот.
Во рамките на посетата, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, е предвидено да се сретне со претседателот на Собранието, Талат Џафери и со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.